ДОМ алармира дека отпадот во Скопје и Тетово мора итно да се реши, а не да се крие под килимче! Во двата најголеми града, со најголема дневна тонажа на отпад, граѓаните се изложени на зарази од лоши санитарно-хигиенски состојби. Први на удар се лицата од поплавените подрачја, а потоа и сите други, зашто видливо е дека со отпадот не се управува во склад со закон. Во Тетово продолжува „историскиот“ проблем со складирање на отпад на тетовските улици, а во Скопје нередовно собирање од градските улици и нафрлање на опасен отпад на несоодветни места.
ДОМ бара итно чистење на планината од отпад среде Тетово и носење на отпадот во Дрисла. Нема оправдание зошто надлежните локални институции не се договориле, кога е во прашање здравјето на цел еден град! Решение има и не смее да се прават ни политички, ни финансики, ни лични калкулации околу тетовскиот отпад! Едно е јасно: отпадот треба под итно да го снема од градските улици на Тетово!
Што се однесува до Скопје, ДОМ предупредува дека органскиот отпад од загинатите животни во поплавите мора безбедно да се третира, а не да се остава на отворено во депонијата Дрисла. На ваков начин, остатоците од загинатите животни се жаришта на зарази, кои лесно се пренесуваат преку други животни или преку воздух. Не е безбедно ни закопувањето на мршите, зашто тогаш преносител се подземните води. Според санитарно-хигиенските стандарди, загинатите животни би требало да одат во печка за согорување, со постапка како за медицински отпад.