ПРОСТУВАЊЕ ОД ТОНИ РИСТОВ – Лилјана Поповска:

(Прес на Тони Ристов на 25.06.2016 против рудникот за злато Иловица)

Почитувани роднини, пријатели, колеги на Тони Ристов. Ни на сон не сум помислила дека ќе имам ваква тешка задача, да зборувам пред вечниот дом на нашиот Тони. Сеуште не сум свесна дека ова се случува.

Не беше Тони за одење, со своите одвај 42 години, со сета енергија што вриеше во него, со сите желби, планови, со нескротливата потреба за борба за подобар свет, за подобра Македонија. Со сета топлина во себе за луѓето, за своите блиски, за далечни и непознати на кои им треба помош. Само пред некој ден бевме кај поплавените, со неговата кола, тој спремен со чизми, лопата и полно срце сочуство за туѓите маки. Со полна глава планови како повеќе да помогне… А денес, стоиме тука, сите ние, немоќни да му помогнеме нему, да го продолжи животот…

Тони Ристов имаше три идеали: својата Биле, божица на неговото срце, најсаканата и најпочитуваната жена на светот; својата Македонија, за која беше спремен да гине; и својата зелена идеологија, својата визија за поубав, поправичен и похуман свет.

Бујна природа, нескротлива, природа на горштак, ама за оние што подобро го познаваа, беше јасно дека нема зла мисла, ни намера, има само една силна желба да го спаси светот и тоа да го направи сега, веднаш, на свој начин… Такви луѓе се потребни во политиката, во јавниот живот, искрени борци, посветени на своите идеали. Македонската политика штотуку изгуби еден таков човек, кој можеше многу да даде, од кој многу се очекуваше… Го изгубивме Тони, кој беше долгогодишен портпарол на ДОМ и лицето на македонските зелени. Со него изгубивме топол и искрен човек, но и страсен екологист и борец за правда.

Во шок и неверица се јавија членови од ДОМ од цела земја, а оние што можеа, дојдоа да му оддадат почит. По него жалат колегите од Европските зелени, од Зелените на Србија, на Бугарија, со неверување и болка се јавија Весна Јусуп, Ане Де Бер, Иван Кариќ, Борислав Сандев и многу други негови блиски пријатели и почитувачи.

Зашто Тони беше во самиот зародиш на идејата за ДОМ како зелена партија, еден од авторите на програмите на ДОМ и долгогодишен секретар за меѓународна соработка. Заедно со него лобиравме за прием во европското зелено семејство. Колку само многу се радувавме, зашто ќе имаме сојузници и ќе можеме повеќе да одработиме за нашата земја, за Македонија, за Балканот, за целиот свет… Тоа ни ги грееше срцата…

Тони Ристов беше одличен советник во општина Ѓорче Петров, вистински народен трибун. Беше и кандидат за пратеник во македонското собрание, но за жал, не успеавме да го видиме како избран пратеник, за што беше спремен…

Искрено сочуство за заминувањето на Тони Ристов изразија колеги од различни партии, од СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, Демократски сојуз, Сојузот на Ромите на Македонија и многу други од свое лично име… Се јавија соработници од медиумите, од невладините организации, од Македонската обединета дијаспора… На сите им благодариме што со нас ја споделија тагата, но и почитта за Тони.

Со голема болка и длабока тага се простуваме од него, нашиот пријател, колега, нашиот соборец, Тони Ристов. Многу ќе ни фалиш, Тони, веќе ни фалиш… Ќе те паметиме и ќе те спомнуваме во сите наши идни активности, зашто ти остави трага, ти остануваш дел од нас.

Нека ти е вечна слава и почивај во мир во Божјиот дом!