Лилјана Поповска од ДОМ и писмено ја поддржа иницијативата од опозицијата за итна собраниска седница за поплавите. Смета дека Собранието ќе може да донесе крупни одлуки за брз излез од агонијата во поплавените подрачја.
ДОМ бара Собранието да донесе одлуки за пренамена на средства од непродуктивни државни инвестиции во обезбедување услови за нормален живот на загрозените граѓани. Оштетените домови мора да се санираат и да се спречат нови жртви од нехигиена и зарази, за што е нужна итна евакуација, дезинфекција и санација на поплавените објекти. Овие приоритети се наметнуваат по теренската обиколка на погодените места од страна на волонтери од ДОМ кои делеа хигиенски пакети, коишто масовно недостигаат.
Во рамките на своите можности, ДОМ нуди интервентна помош со сместување во хостел и обезбедување храна. Како што веќе јавно сугериравме, слободни се студентските и средношколските домови кои можат да згрижат поголем број луѓе.
ДОМ продолжува со донаторската акција за собирање средства за хигиена и облека во централната канцеларија во Скопје кои ќе бидат однесени директно во поплавените места.