Телеграма со сочувство по повод загубата на човечки животи по терористичките напади во Ница

До

Н.Е. г-ѓа Лоренс Оер

Амбасадор на

Република Франција

во Република Македонија

Почитувана г-ѓа Оер,

Членовите на ДОМ, како и целата јавност во Македонија, со голема вознемиреност и згрозеност ја примија веста за синоќешниот крвав настан во Ница. Длабоко жалиме за несреќата што се случи во Вашата земја и за невините жртви од овој грозоморен терористички акт.

Упатуваме длабоко сочувство до францускиот народ и до семејствата на загинатите и искрено се надеваме дека Франција во овие тешки моменти ќе најде начини да се справи со мрачните сили на тероризмот и дека нема да бидеме сведоци на други вакви и слични сурови настани.

Очигледно е дека тероризмот, како најголемо зло со кое се соочува човештвото во 21 век, е најопасна закана за мирот и безбедноста на сите граѓани и на сите држави. Крвавиот акт во Ница уште еднаш укажува дека меѓународната заедница се соочува со постојана закана од страна на терористите и дека и натаму приоритет треба да биде заштитата на човечкиот живот. Заради тоа е неопходна широка координација и соработка на сите земји во светот врз принципите на солидарност, толеранција и превенција од насилство.

Веруваме во разумот и свеста на луѓето, како и во решеноста на мирољубивиот и праведен свет да му се застане на патот на меѓународниот тероризам, кој последниве години на Франција и светот им зададе тешки удари.