ДОМ е против новите урбанистички планови најавени од скопската општина Аеродром и ја поддржува граѓанската инцијатива „ Мораториум за градење во општината!“
Во градежната експанзија на главниот град, реонот на Острово, во општината Аеродром како и делови на населбите Ново Лисиче и Лисиче, е една од ретките зелени оази во градот Скопје. Токму затоа ДОМ смета дека со овие планови се зголемува густината на домување, на сметка на постоечките и потенцијалните зелени површини, без притоа да се води сметка за хуманата компонента на урбаната средина, еколошкиот аспект во квалитетот на живеењето, капацитетот на просторот и постоечката инфрастуктура.
ДОМ се придружува кон апелот на жителите и бара :
- Зоната за спорт и рекреација која се наоѓа покрај Вардар, од Булевар АСНОМ до Тинекс, да продолжи до објектите на ЕНЕРЏИ и ПИОМ. ДОМ потсетува дека поставувањето на објекти во непосредна близина на коритото на реката Вардар е проблематично од хидролошки, сеизмолошки и од еколошки аспект.
- Да се ревидираат и да се стават на јавна расправа сите изградби на нови паркиралишта и да се почитува ставот на жителите дека тие не се потребни и само го уништуваат преостанатото зеленило во општината.
- Да се избрише маркичката за градба во зелениот појас на булеварот Јане Сандански, а воедно да се заштитат од градба сите зелени простори покрај булеварите Србија , АСНОМ и Јане Сандански.
Од ДОМ знаеме колку е важно да „Имаме право на здрава животна средина!“ Затоа, секогаш ќе ги поддржуваме сите акции и граѓански иницијативи, како што е оваа од населбата Аеродром, за подобрување на квалитетот на животот на граѓаните и за заштита на животната средина во Македонија, воопшто.