Уставниот суд треба да е чувар на Уставот

ФРОДЕМ, ДОМ  и Демократскиот сојуз ги повикуваат  судиите на Уставниот суд да одлучуваат согласно Уставот и да се држат до нивните надлежности. Уставниот суд треба да оценува дали законите и другите одлуки се во согласност со Уставот на Република Македонија и да ги штити основните слободи и права на граѓаните.

Апелираме до членовите на Уставниот суд да не прифаќаат било какви политички влијанија и притисоци,  бидејќи Уставот е јасен и измените во Законот за помилување, со кои на Претседателот не му се дава можност да помилува осудени лица за кривични дела против изборите и гласањето,а се во функција на обезбедување фер и регуларни избори и  правото да го уредува ова прашање го има Собранието на Република Македонија.

Сакаме да веруваме дека никој во оваа држава не е подготвен да помилува некој што ја “крши“ волјата на граѓаните, уште помалку можеме да очекуваме или да оправдаме помилување или аболиција на “криминалци“ кои ги кршат изборните правила.

Прифаќањето на иницијативата за преиспитување на  Законот за помилување во услови кога Специјалното јавно обвинителство води постапка за сторители на кривични дела сврзани со изборни нерегуларности, како и непосредно пред одржување на вонредни парламентарни избори, претставува манифестација на ароганција, флагрантно газење на слободите и правата на граѓаните, како и директно загрозување на уставниот поредок.

ДОМ, Демократскиот сојуз и ФРОДЕМ, протестите пред уставниот суд и било каде ги разбираме како демократски начин на искажување на незадоволство и порака до надлежните институции за работите да се менуваат во позитивна насока.

Демократски сојуз, ДОМ и ФРОДЕМ укажуваат дека за можната дестабилизација на државата, одговорност ќе сноси Уставниот суд  доколку донесе одлука спротивна на Уставот и општиот интерес и определба на граѓаните.

Скопје, 15.03.2016 година                                                                                 

Демократски сојуз

ДОМ

ФРОДЕМ