MOДОМ заедно со ЦДНЕЕ организира панел дебата на тема „Очекувањата на младите од претстојните избори во Македонија“

Младинската организација на ДОМ (МОДОМ) ќе биде домаќин на Генералното собрание, највисокото одлучувачко тело на Мрежата за соработка и развој на Источна Европа (ЦДНЕЕ) на кое ќе присуствуваат делегати од сите организации- членки, а ќе се одржи од 25-ти до 28 февруари 2016 година, во Скопје, Македонија.


ЦДН е мрежа на младински организации посветени на развој и имплементација на Зелената агенда. Во мрежата членуваат подмладоците на Зелените партии, невладини организации за човекови права и еколошки невладини организации од Источна Европа. Мрежата е основана во 2002 година, а нејзина цел е да ги поттикне младите луѓе да одиграат круциална и активна улога во градењето на одржливо и демократско општество, помагајќи им преку поттикнување на соработка и споделување на искуството и знаењата со и помеѓу организациите-членки.

МОДОМ ќе го искористи престојот на Зелените од Источна Европа да ги запознае со состојбата и потребите на младите во Република Македонија непосредно пред одржувањето на парламентарни избори. Имено МОДОМ ќе организира панел дискусија на тема “Очекувањата на младите од претстојните избори во Македонија”, на која е предвидено да бидат поканети претставници од политичките подмладоци, Националниот младински совет на Македонија (НМС), Институтот за економски стратегии и меѓународни односи Охрид, невладиниот сектор, меѓународните организации и институции кои работат на полето за младитe.