Денес ЦИВИЛ одржи јавна дебата со политичките партии кои не се дел од преговорите за надминување на политичката криза под мотото „Плурализмот и политичката криза“. Настанот го модерираа Петрит Сарачини и Џабир Дерала, а на дебатата учествуваа: Лилјана Поповска (ДОМ), Синиша Станковиќ и Биљана Јордановска од ЦИВИЛ, Влера Ејупи (ДПА), Јанко Бачев (НДМ), Фатон Алити (ПДП), Сафет Бишевац од поранешната Санџачка Лига, Самка Ибраимовски (ПЦЕР), Здравко Савевски од Левица (партија во формирање), Африм Гаши (БЕСА), Марјан Огненовски од Обединети за Македонија, Зулфи Адили од Унитети и Иван Величковски (ЛП).
Учесниците на дебатата дебатираа за можен излез од кризата и за тоа дали се можни избори на 24 април. Сите се сложија дека изборите не можат да се одржат затоа што не се исполнети минималните услови за слободни избори со оглед на тоа што не е прочистен избирачкиот список ниту е регулирано медиумското претставување на политичките партии. Предложија одложување на датумот, а повеќето од учесниците се согласија дека треба да се размисли за формирање на широк демократски опозиционен фронт. Поповска ги истакна подготовките на ДОМ за самостоен настап како и промоцијата на програмата на ДОМ која ќе се одржи на 07.02.2016 во Сити Хол во 12:00 часот. Истовремено кажа дека доколку граѓаните бараат окрупнување тогаш услов треба да биде промена на изборниот законик со една изборна единица, отворени листи и еднаков број мажи и жени на листите.