ДОМ: По трет пат одбиен законот за урбано зеленило

На 25.01.2016 година на точка на дневен ред беше Законот за урбано зеленило.  

Пратениците расправаа за Предлог-законот за урбано зеленило во прво читање поднесен од Лилјана Поповска, Солза Грчева, Љубица Буралиева, Роза Топузова Каревска и Павле Трајанов, но не го проследија на натамошно читање. Парламентарното мнозинство по трет пат го одби законот за урбано зеленило.

Лилјана Поповска рече дека овој закон обезбедува институционална заштита на градското зеленило во Македонија, правила за планирање, проектирање, подигање, одржување, заштита, користење и реконструкција на урбаното зеленило, како и финансисрање и управување со надзор. Предвидува изработка на зелен катастар, односно попис на градското зеленило, пропишува 25 метри кавадратни зеленило по жител на ниво на град и од 10 до 30 отсто зеленило на ниво на градежна парцела. Пропишува строга заштита на сите дрвија, од јавните и приватни површини, особено дрвјата со обем на стебло над 40 сантиметри, мерено во висина од 1,3 метри од земјата.

Потенцирајќи дека во изработката учествувале повеќе експерти од сите профили, Лилјана Поповска се изјасни за законот за зеленило: Овој закон е во интерес на сите граѓани и на сите партии. Во интерес на сите е зеленилото да не се претвора во градежни парцели, надвор од стандарди и од потребите на граѓаните.

Поповска од парламентарната говорница запраша зошто не е донесен Законот за урбано зеленило како што вети Министирот на седницата за пратенички прашања одржана во Септември минатата година, на што Данев одговори: Не се работи за едноставен закон. Тоа е закон кој е непходен, со тоа се согласуваме. Но, во голема мера допира одредени работи во повеќе законски решенија кои веќе се во владение во Република Македонија. Додаде и дека наскоро Министерството за транспорт и врски и пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе излезат со конкретно решение.

За неопходноста од законот за зеленило проговори и Марјан Даскаловски од СДСМ велејќи дека законот е одличен и во истиот се содржани сите мерки кои треба да се направат за граѓаните и од најзагадените градови во Македонија да дишат почист воздух. Додаде дека не е во ред што власта не прифаќа закон кој не доаѓа од нив и побара поголема заштита на животната средина.