Поповска во Собранието: Ова е арогантно покажување на сила

На 87 седница на Собранието на Република Македонија која беше итно закажана доцна попладнево  и на која  се констатираше оставката на Прениерот Никола Груевски, беше предложен и дневен ред на кој треба да се изгласа и распуштање на Собранието.

Против ваквиот дневен ред беше пратеничката Лилијана Поповска која во обраќањето го кажа следново.

За мене не е проблем напуштање на функција. Неколку пати сум гласала за распуштаење на Собранието и заминување на предвремени избори. Секогаш кога сум сметала дека тоа е во интерес на државата, на граѓаните на Република Македонија и на демократијата. Тоа сум го правела и ќе го правам! Сум се откажала од заменик министер за развој, Потпретседател на Собрание, сум излегла од Влада, секогаш принципелно кога не сум се согласувала со начинот на водење на политиката.

Меѓутоа денеска сум против распуштање на Собранието на ваков начин, без учество на добар дел од опозицијата, за која сите се боревме да се врати назад во Собранието, затоа што знаеме дека за сериозно одлуки, за сериозен напредок на државата сме си потребни сите. Не е во ред кога опозоцијата е надвор да се глас за распуштање. Ова е арогантно однесување. Ова е некоректно, не принципелно и ова не води кон демократски напредок и кон почитување на демократските начела на државата, затоа што ова е покажување на сила.

Jасно ни е на сите од опозицијата дека мнозинството постои и во секој момент може да се изгласа. Меѓутоа во демократска држава се почитува и малцинството, и секој еден човек, и секој граѓанин, односно се почитува начелото на Волтер „Да се бориш и  за искажување на ставот и на оној со кој не се согласуваш“. Тоа она што Македонија и нашиот Парламент никако да го научи.

Затоа жалам што денеска гласавте толку спокојно. Ова е вовед во нова дестабилизација на Македонија. Ова не е добар пат. Да за избори, но ако се посомнева некој во изборите, ако има индиции – кои очигледно постојат – за нерегуларни избори. Во таква една ситуација го направивме Пржинскиот договор, кои сите едногласно го поддржавме. Затоа е потребно преку договори да се договори датумот на избори – изјави Поповска од собраниската говорница.