Од ДОМ ги повикуваме сите граѓани на Скопје утре масовно да излезат на протестот против загадувањето и со тоа да направат граѓански притисок врз властите за преземање енергични мерки во битката против загадувањето кое Скопје го сместува меѓу најзагадени градови во светот.
Оваа битка треба да ја водиме сите без разлика на нашите убедувања и припадност. ДОМ ги повикува политичките чинители од Владата и Град Скопје да покажат силна политичка волја, да оддвојат финансиски средства и да преземат сериозни мерки за решавање за најважниот проблем со кој се соочува не само Скопје туку и другите градови низ Македонија. Поразителен е податокот дека Македонија е најзагадената држава во Европа, а шеста во светот. Очигледно дека на Владата многу и е важно рангирањето во разни категории, па заради неактивности и немањето соодветни политики и во оваа категорија ги заземаме највисоките позиции.
Уште еднаш го повикуваме Град Скопје да ја повлече одлуката за поскапувањето на јавниот превоз, затоа што со нејзе ќе предизвика поголемо загадување. Ги повикуваме стопанските субјекти да не ги ставаат своите бизнис и профит интереси пред здравјето и животот на граѓаните, да покажат општествена и еколошка одговорност за најважното нешто, а тоа е воздухот! Ги повикуваме граѓаните, особено оние недоволно освестените, да преземат мали, но значајни мерки со кои би придонеле да се намали загадувањето на Скопје, како: почеста употреба на градски превоз и велосипед, да не користi огревен материјал кој силно влијае на загадувањето и да го намалат користењето на автомобилите.
ДОМ пред неколку недели излезе со свои предлози до институциите за намалување на загадувањето. Во оваа прилика потсетуваме на нив и бараме да бидат спроведени:
Да се прогласи вонреден режим на однесување ВЕДНАШ и истиот да трае ДО КРАЈОТ НА ЗИМАТА, без броење 5 или 10 дена со надминати вредности, небаре 9 дена во смог не се доволно алармантни!
Да се стопираат градежните активности во градските средини!
Да се смени сообраќајниот режим во градовите, со воведување на задолжителна „зелена“ зона ослободена од возила, прогласување на пешачки и велосипедски зони во центарот на градовите и забрана за движење на тешки возила во градски подрачја и нивно упатување на обиколниците!
Да се отстранат од сообраќај сите возила под Евро 4 стандардот од градскиот сообраќај, нивно итно обележување со налепница на предното стакло на возилото! Истовремено, Владата итно да го уреди увозот на возила со овој стандард!
Да се зголеми бројноста на автобуси во јавниот превоз во оние градови каде тој постои!
Да се мијат СИТЕ улици со ВОДА, на стар домаќински и евтин начин!
Владата да даде буџетска поддршка за набавка на течен гас, печки со целосно согорување, сончеви панели за топла вода и изолација на домовите!
Почитувани граѓани, утрешниот протест е протест за правото на живот! Сите треба да се запрашаме: Без храна можеме да издржиме неколку недели. Без вода можеме да издржиме неколку дена! Колку можеме да издржиме без воздух?
На прес конференцијата зборуваше портпаролот Тони Ристов