Два исти закона – одбиен на опозицијата, изгласан на власта

Од двата идентични закони за решавање на статусот на 140 професионални војници кои останаа без работа, мнозинството во матичната комисија за одбрана и безбедност го изгласа предлог законот во петокот поднесен од пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, а го отфрли стариот предлог на Лилјана Поповска од ДОМ, поддржан од сите пратеници на опозициската коалиција и независните пратеници.

Според опозицијата, добро е што власта конечно ќе го реши статусот на војниците,  но лошо е што го копира нејзиниот закон. Претседателот на Комисијата, Емил Димитриев рече дека законот што тој, заедно со Талат Џафери го поднесол предвидува  финансиска проценка реална за идните плати на војниците, за разлика од опозицијата, која предвидела само 2 милиона денари, со кои пари, како што рече, може да се реши проблемот на само осум војници.

Горан Сугарески до СДСМ рече дека не треба да се разговара за сумата потребна за решавање на проблемот. Вашата цел беше да се сликате со војниците и да излезе дека вие ги прифаќате нивните барања, рече Сугарески кој додаде дека оваа влада имаше неколку години да им излезе во пресрет на војниците, но дека ги остави да штрајкуваат со глад.
Нада Ципушева од ВМРО-ДПМНЕ ја повика опозицијата да го повлече својот закон и да гласа за законот, кој, како што нагласи, наместо решавање на статусот само на осум војници, нуди решение за сите 140 војници.

Луто реагираше Поповска, рече дека Владата е таа што ја одредува висината на парите, и дека не е битна паушалната но формално потребна сума наведена во нејзиниот закон.

-На што личи тоа, да се немало срам, луѓе божји, немавте доблест нашиот закон да го прифативте, па го украдовте од нас, рече Поповска.

Со законските измени, секој од тие 140 професионални војници на кои им завршил работниот односо во Армијата и се невработени, доколку до крајот на јануари поднесе барање, до крајот на февруари Министерството за одбрана ќе обезбеди работно ангажирање.

Панта Џамбазоски

Превземено од: http://www.telma.com.mk/vesti/od-dva-isti-zakona-izglasano-reshenieto-na-vmro-dpmne-i-dui