Поповска незадоволна од средствата за мониторинг на животната средина

Лилјана Поповска се изјасни како незадоволна од одговорот на нејзиното пратеничко прашање, поставено пред еден месец, кое гласеше: Дали во новиот Буџет ќе има повеќе средства за мониторинг на воздухот, водата и почвата?

„Министерството за животна средина ме извести дека за 2016 година од Владата побарале 50 милиони денари за заштита на животната средина, но добиле само 17 милиони денари поради ограничениот буџет за 2016 година. Каков ограничен буџет? Овој буџет за 2016 година има најмногу пари до сега, но за објекти од тврда градба, за тркалото во Вардар, за шпанските скали, за чудовишниот споменик за Мајка Тереза, кој е подбивање со нејзиниот лик и дело. Потребна е еколошка едукација на политичарите за да сфатат дека инвестирањето во животната средина значи инвестирање во здравјето и човечките животи! Кого да го прашам после се, мојот пријател Стевче од Министерството? Брате Стевче, ти стана човече со патент на уста, биди ми жив и здрав“, рече пратеничката Лилјана Поповска од ДОМ на денешната седница наменета за пратенички прашања. Таа додаде дека ова прашање за засилен мониторинг на воздухот, водата и почвата, било едно од 5-те приоритети договорени за коалицирање. „Резултат: неисполнето!“

Сектор за односи со јавност на ДОМ