На покана од Зелените на Бугарија, секретарот за меѓународна соработка на ДОМ Тони Ристов, беше во еднодневна посета на општина Радомир, Република Бугарија.
Со претставникот на Политичката партија Зелените, Борислав Сандов, кандидатот за градоначалник на општината од нивните редови Емил Крумов и носителот на советничката листа Асен Велев, разговараа за состојбите во општина Радомир, како и за успешно спроведениот референдум и донесената одлука на општинско ниво, преку кои граѓаните на оваа општина во Република Бугарија се изјаснија против отворањето на рудник за злато, како и целосна забрана за експлоатација на минерални руди во општината.
Секретарот Ристов при средбата истакна: „ Ме радува високото ниво на свест кое го имаат граѓаните на Радомир за зачувување на животната средина, сопственото здравје и непотклекнувањето пред опасните инвестиции во рударството и деградацијата која ја носи со себе оваа индустриска гранка. Радомир, како и Велес се едни од ретките општини на Балканот каде граѓаните застанаа здружени против вакви инвестиции. И двата града станаа симбол на еколошка свест и симбол на граѓанска демократија. Граѓаните на Македонија и Бугарија се во блиски пријателски односи, но тие треба дополнително да се продлабочат на политичко и особено на економско поле, каде соседните општини од двете страни на границата ќе реализираат заеднички проекти и ќе воспостават силни економски и културни врски во интерес на двете страни. Ние Зелените сме предодредени таа соработка да ја иницираме и да ја интензивираме, затоа што знаеме дека тоа е единствениот правилен пат кој води кон одржливо и стабилно општество, а пограничните општини се столб на мостовите на соработката меѓу државите.“
При обиколката на општината од Зелените истакнаа дека општина Радомир своите можности за развој ги гледа во еколошкото земјоделство, руралниот туризам, искористувањето на потенцијалот на термалните води, пошумувањето, отворање на иновативен центар и развој на електротехнички технологии и индустрија, но и поблиската соработка со соседните земји, особено Македонија.