Поповска: Дали ќе ја добиеме македонската Моника Маковеј?

Пратеничката Лилјана Поповска го поддржа Законот за специјален обвинител:

„Тој е можност да се расчистат последиците од правниот земјотрес во Македонија, каде жртви станаа правната држава, човековите права и слободи. Закон за специјален обвинител ни треба зашто сме доведени во специјална состојба која бара специјални мерки. Таква е специјалниот обвинител сега, а наскоро можеби и специјален суд.

Овој предлог е модифицирана верзија на предлогот на ДОМ, јавно кажан пред 6 месеци, на 7 март, кога побаравме оставка на јавниот обвинител и избор на нов со консензус, лоцирајќи го јавниот обвинител како клучна фигура за судската разврска. Предложивме и враќање на опозицијата во Парламентот, за да се водат паралелно двата процеса – судски и парламентарен.

Но самиот закон не е гаранција дека ќе се оправи државата, важни се луѓето. Сите очи ќе бидат вперени во специјалниот обвинител. Да видиме дали ќе ја добиеме македонската Моника Маковеј, која има историска шанса да стави ред во Македонија? За да се врати вербата во институциите и во државата, за да има мирна разврска за кризата. За да се врати етиката, моралот, да се знае што е добро, а што лошо.“

Поповска им честиташе на сите четири партии кои успеале да најдат заедничко решение како појдовна точка за разврска.