Длабоко сме потресени од драмата што се случува на грчко-македонската граница во Гевгелија, каде беа соочени едни спроти други истоштени бегалци, посебно жени и деца, со претставници на полицијата и армијата, кои добиле невозможна мисија. Таа мисија на строгост и заплашување не е соодветна за дадената ситуација, ниту по содржина, ниту по употребените прекумерни средства на сила. Резултат беа расплакани деца и мајки, повредени полицајци и лоша слика за Македонија по светот.
Како држава потписничка на конвенциите за човековите права и правата на бегалците, преку институциите треба соодветно да ја менаџираме состојбата и да обезбедиме хуман третман на бегалците, медицинска помош, и згрижување на најранливите категории. Треба да се обезбеди доволен број службени лица за побрза евиденција на бегалците, за згрижување на ранливите категории и пружање прва помош. Полицијата и војската секакако ќе помагаат но како за мирнодопски услови, за што се исто така обучени.
Во меѓувреме, сите ние, како граѓани, да им дадеме поддршка на нашите институции, кои немаат лесна задача. Но и самите да ја покажеме повторно нашата хуманост и едноставно да одвоиме од своите усти, од своето време и од своето срце, па да им собереме неопходни прехрамбени продукти, вода, облека, покривки на бегалците. ДОМ по втор пат ќе влезе во хуманитарна акција.
Генерално гледано, евидентно е дека хуманитарната криза на бегалците од воените жаришта премина во хуманитарна катастрофа од глобални размери и нејзиното решавање бара сериозен пристап од целата меѓународна заедница. Република Македонија треба уште поинтензивно да бара помош и координација на регионално и меѓународно ниво, за да се превенираат безбедносните аспекти.