Општинската организација на ДОМ од Ѓорче Петров бара изградба на мали паркови во општината

Интегрален текст од прес конференцијата

Од суштинко значење за квалитетот на живот во секое населено место е постоењето на зелени површини.

Во изминатиот неколкугодишен период, од локалната власт не забележавме ни најмала иницијатива за да се подобри состојбата со зеленилото. На неколку пати, преку Советот на општината, во кој партиципираме, поднесовме барања за изградба на мали паркови и парк за миленичиња, но не наидовме на разбирање. Затоа повторно, сега и јавно, најавуваме дека до Градоначалниокот и до Советот на општината ќе поднесеме барање за изградба на неколку мали паркови, со соодветна урбана инфраструктура, во сите урбани и рурални заедници на општината, како и изградба на парк за миленичиња.

Од општинската организација на ДОМ од Ѓорче Петров, со жалење констатираме дека, општина Ѓорче Петров со само 3% зелена површина од вкупната територија на општината, е меѓу последните во Град Скопје. Вкупниот збир на сите зелени површини на подрачјето на општината едвај надминува 2 км2, што е далеку под просекот на Град Скопје, а да не зборуваме за европските стандарди кон кои се стремиме.

Забележително е, исто така, дека освен паркот во реонскиот центар на општината, нема поголема зелена површина која може да ги опслужи жителите на општината за одмор и рекреација.

На подрачјето на месните заедници во урбаниот дел од општината (Ѓорче Петров, Хром и Даме Груев) во последните неколку години со изградбата на нови повеќекатници никаде не е забележано околу објектот  да се обезбеди простор за зелена површина (мал парк). Додека кај постарите повеќекатници, зеленилото е деградирано и не се одржува на соодветен начин.

Состојбата е уште позагрижувачка во Волково, Кисела Јабука, Стопански Двор и Дексион каде речиси и да нема зелена површина, а камоли парк.

Веруваме дека изградбата на овие мали паркови ќе придонесе квалитетот на животот на жителите на Ѓорче Петров да се подобри, а воедно ќе овозможи и намалување на загадувањето со кое е соочена општината.

На прес конференцијата зборуваше советникот од ДОМ во општина Ѓорче Петров, Роберт Наумоски