Од ДОМ сме згрозени од насилството што се врши врз шумските предели ширум Македонија, а за што сме сведоци деновиве, среде жешкото лето и жешката политичка ситуација!
1) На Водно се прави обид да се исечат над 20.000 м2 шума, со што драматично ќе се намали зелениот појас кон Скопје. На дрзок начин, во интерес на нечиј профит, се деградира и натаму Водно, и најгрубо се крши законската регулатива за животната средина. Нема никаква реакција од надлежните институции на национално и локално ниво, што јасно говори за некаква силна коруптивна врска помеѓу бизнис и политичките партнери во овој скандал. Со овој чин се доведуваат во опасност граѓаните кои живеат таму, но и сите жители на Скопје од свлечишта, земјени наноси и уште повеќе загаден воздух и деградирана животна средина.
Очигледно е дека урбаниот простор на Скопје им стана претесен на овие т.н. „бизнисмени“, па со сите сили работат на тоа бетонската џунгла да ја пренесат и на Водно.
Во врска со ова Бараме
- Итно да престанат сите насилнички напади врз Водно, да се почитуваат постоечките закони и итно да се донесе Законот за зеленило, за кој се бориме веќе 4 години, готов е веќе 2 години, а неодамна беше по вторпат одбиен во Собранието!
- Јавното обвинителство да покрене постапка за испитување на овој случај.
2) На Шар Планина има масовна нелегалната сеча и опустушувањето, особено во Теарце месноста Триводи, с. Брезно, с. Палчиште, Јеловјане во месноста Сидол и други. Направена е финансиска штета која во моментов е тешко да се процени, затоа што сечата не е скоцентрирана само на еден простор. Дрвокрадците ги одбираат најдобрите примероци на дрва и притоа го земаат само стеблото, а при транспортот отвараат патишта буквално преку ноќ. Овие лица низ Шар Планина оставаат пустош која тешко ќе биде надоместена во наредните неколку десетици години. Според информациите кои ги имаме, дрвокрадците дрвата ги продаваат по 50 евра од кубик, а воедно се толерирани од локалните власти и против нив не се преземаат правни активности.
Од ДОМ за состојбата во тетовско, бараме:
- Јавното Обвинителство во Тетово да преземе правни постапки против овие криминални групи.
- Итно преземање на акција од страна на Министерството за внатрешни работи, Шумската полиција и Македонски шуми за запирање на опустушувањето на Шар планина.
- Општините итно да донесат одлука за забрана на сеча на дрва.
- Во најскоро можно време, да се преземат потребни институционални мерки за прогласување на Шар планина за Национален парк.
- Зголемување на бројот на шумски полицајци и нивна подобра екипираност