МОДОМ: Да се почитуваат правата на мигрантите

МОДОМ ги поздравува измените на Законот за азил со кои мигрантите со потврдата во наредните 72 часа го легализираат престојот во Македонија и може да користат јавен транспорт. Истовремено ги поздравуваме и напорите на Црвениот крст, граѓанските организации и на хуманите луѓе кои несебично се посветија на овој проблем и прават се што можат да им олеснат на овие луѓе кои секојднево транзитираат низ земјава.

Сведоци сме на голготата низ која поминуваат овие луѓе, меѓу кои има и жени и деца, и затоа апелираме до надлежните за овозможување на хумани услови на згрижување  и заштита на човековите права на мигрантите.

МОДОМ во изминатиот период активно работеше на развивање на свеста и информираноста на своите членови на оваа тема преку учество на меѓународни настани. Во моментов во Малта се одвива настан во организација на Федерацијата на млади европски Зелени на тема „Млади во миграција:користење на предизборната кампања и алатки за застапување во медитеранскиот регион за миграции, азил и правата на бегалците“ и  студиска посета на тема „На граница со можното – миграција, креирање политики и млади!“ организирана од Мрежата за развој и соработка на Источна Европа во Европскиот младински центар, во Будимпешта, Унгарија. На овој настан ние, Зелените, изградивме заеднички СТАВ и бараме:

  • Човечкиот живот да биде вреднуван подеднакво, без разлика на правниот статус.
  • За коегзистенција и активна поддршка за состојбата на мигрантите е потребна поголема соработка, комуникација и солидарност во цела Европа.
  • Бараме да се почитуваат правата на мигрантите, без оглед на нивниот официјален правен статус. Сите мигранти мора да имаат пристап до здравствена заштита, пазарот на трудот и образованието, особено јазична обука.
  • Дел од медиумите пропагираат митови и стереотипи за миграцијата – ова треба да се промени! Ние ги поддржуваме вистинските приказни за мигранти предводени во традиционалните и социјалните медиуми и промовирање на одговорност за човекови права со помош на новинарството.
  • Апелираме за регулирање на границите на хуман начин и вклучување на граѓанските активисти
  • Бараме унифициран систем за прифаќање на бегалци од целата територија на ЕУ. Европската унија и европските држави треба да признаат дека барателите на азил имаат право да аплицираат за статус на бегалец во земја по нивни избор укинувајќи ја нелојалната Даблинска Регулатива III.

Заклучок

Постои јасна потреба за континуирано работење на овие теми на различни нивоа на Европската младина со цел да се решат прашањата поврзани со миграцијата. Сметаме дека ова е суштински дел на европскиот проект, бидејќи сегашноста не кореспондира со Европа базирана на човековите права.

Линк до документот: http://www.cdnee.org/wp-content/uploads/2015/03/Bordering-on-the-possible-Statement2.pdf