МОДОМ стана членка на Федерацијата на Младите Европски Зелени

На собранието на Федерацијата на Младите Европски Зелени (FYEG) што се одржа во Тбилиси, Грузија од 4 до 7 јуни, МОДОМ (Младинската Организација на ДОМ) беше примена во оваа европска зелена мрежа.

Федерацијата на Младите Европски Зелени е официјалниот подмладок на Европската Зелена Партија и претставува мрежа од 42 политички подмладока и невладини организации од цела Европа, од Грузија до Ирска, од Кипар до Норвешка, кои ја имаат зелената идеологија како основа на дејствување.

МОДОМ на собранието го претставуваше секретарот за меѓународна соработка кој е посебно задолжен за соработка со Федерацијата на младите европски Зелени, Антонио Јовановски кој во Тбилиси ги престави активностите на МОДОМ на локално и меѓународно ниво во изминатите две години, структурата на организацијата и програмата усвоена на последното младинско собрание, како и зголемената независност на младинската организацијата и функционирањето како политички подмладок со зелена идеологија. Апликацијата на МОДОМ за членство во Федерацијата на младите европски Зелени (ФИЕГ) беше проследена со голем интерес од сите организации-членки.

Покрај приемот на МОДОМ на Собранието на Федерацијата на Младите Европски Зелени беа избрани и новиот Извршен одбор и лице за финансиско работење. За машки и женски портпарол на организацијата беа избрани Тео Комет и Лара Карлиер, а за Генерален секретар беше реизбрана Шена Санчез.

На Собранието се дискутираше и за климатските промени, мирот и демократијата. Младите Зелени од цела Европа се сретнаа токму на Истокот од континентот, за да ги дискутираат и планираат позицијата и активностите за следнава година.

Со ова членство МОДОМ ќе продолжи поцврсто да чекори по зелената агенда и да ја реализира својата програма со поддршка на зелените политички подмладоци и невладини организации од цела Европа.

МОДОМ им благодари за довербата на колегите од сите членки-организации на Федерацијата на Mладите Eвропски Зелени (ФИЕГ), а на новоизбраните им посакуваме успешна работа.