На денешната седница за пратенички прашања, пратеничката од ДОМ, Лилјана Поповска, ги постави следнивепратенички прашања:
Прво пратеничко прашање до Министерството за земјоделие и шумарство: Од каде е идејата и кој е мотивот за садење палми и промена на биодиверзитетот во Македонија?
Прашањето се поставува поради масовно садење палми во Скопје, Охрид, Прилеп, Дојран, Вевчани и Ресен. Овие тропски дрвја имаат мала лисната маса и не можат да ги заменат нашите автохтони видови. Климата диктира растителни видови кои природно успеваат кај нас: буки, дабови, брези, јасени, багреми, костени, липи, тополи. Сите тие имаат богата лисната маса што дава сенка, влага и кислород, а кои ни најразвиена палма не може да ги обезбеди. Сето ова е штета за палмите кои се осудени да бидат уништени во неблагопријатната клима, за автохтоните дрва кои некој планира да ги уништи, за вкупниот биодивезритет кој ќе се поремети и за здравјето на луѓето.
Како подпрашање: Дали и садењето палми е една од причините што Владата не сака да го донесе Законот за урбано зеленило со кој ќе се заштитат автохтоните видови и биодиверзитетот?
Второ пратеничко пашање до Министерството за животна средина и просторно планирање: Со каква технологија ќе работи идната цинкара во Пробиштип и дали ќе обезбеди заштита од загадувањето?
И трето пратеничко прашање: Што се планира со Југохром и РЕК кои се единствените големи загадувачи кои не направија еколошко прилагодување до 1.4.2014 и на кои Владата им го продолжи рокот за работа?