ДОМ е загрижен поради големата поделеност на македонското општество што се покажа по двата одржани протеста, со сосем спротивни видувања за политичката ситуација, како да не се работи за иста држава! Не смееме да заборавиме дека за опстанок на една држава е неопходна кохезија, произлезена од заеднички идеали и интереси. Но, ние денес имаме длабоко поделени табори кои претставуваат опасност за државата!
ДОМ излезе од владината коалиција за да го помогне разрешувањето на политичката криза во која западнавме, за да се повлечат разумни политички потези кои ќе водат преку преодна Влада до предвремени избори, кои никој нема да може да ги оспори. За да прекине еднаш овој круг на сомнежи, притисоци, обвинувања, омраза… Премали сме за толку голема омраза!
ДОМ продолжува самостојно во своето делување, во склад со својата програмска платформа, поддржувајќи го секој предлог и дејствие што е во интерес на граѓаните и Република Македонија. На локално ниво, нашите општински раководства одлучуваат по своја проценка за соработка во локалната власт, која е резултат од други избори, кои во многу земји се нарекуваат комунални, зашто се однесуваат за комунални работи од интерес за локалното население. ДОМ настапи самостојно на локалните избори 2013 и освои 25.000 гласови и право на своја одлука со кого ќе коалицира.
Ги повикуваме граѓаните да застанат цврсто во одбрана на човековите права, принципите на демократијата, транспарентноста, а крајна цел да им биде силно граѓанско општество ослободено од стегите на поделбите.
Сектор за односи со јавност на ДОМ