ДОМ На собрание на Европските Зелени

Делегација на ДОМ предводена од претседателката Лилјана Поповска учествуваше на Собрание на Европските Зелени во Загреб, 15-17 мај 2015. Главни теми беа: одржлив развој со зелени работни места, кој не е на штета на животната средина и борба со климатските промени пред самитот во Париз.

Локален партнер на Собранието беше партијата ОРАХ, со Мирела Холи како претседателка и европратеникот Давор Шкрлец како потпретседател, кој заедно со група европратеници иницираше формирање група за поддршка на зелените  партии од Балканот и Југоисточна Европа.

Европратеникот Рajнхард Бутикофер, како ко-претседавач на Европските Зелени, испрати до македонската јавност порака пред најавениот граѓански протест на 17 мај, во која вели: „ Длабоко сме загрижени заради последните настани во Македонија. Владата и безбедносните сили мораат целосно да го почитуваат правото на опозициските партии и граѓаните кои критикуваат за мирен протест денес. Мора да им се дозволи на македонските граѓани да можат без опасност да го изнесат своето право на слободно изразување и собирање. Се надеваме и очекуваме дека овој протест ќе остане мирен. “ Понатаму, тој бара целосно независна истрага за настаните во Куманово, но и за сето она што се слуша на лентите што ги објавува опозицијата. Смета дека ЕУ мора да биде активен учесник и медијатор во преговрите помеѓу владата и опозицијата. „Премногу долго ЕУ само ги гледа овие авторитарни тенденции во македонската влада и порастот на тензиите.“, вели Бутикофер.

Сектор за односи со јавност на ДОМ