ДОМ Продолжува самостојно

1) На седницата на Централниот одбор на ДОМ одржана вечерта на 7 мај 2015 година беше разгледана актуелната политичка ситуација и беше донесена одлука за излегување од владината коалиција. Беше заклучено дека со овој чекор ДОМ ќе помогне во разрешување на длабоката политичка криза која е закана за стабилноста на Република Македонија. Веруваме дека на ваков начин ќе иницираме редица конструктивни политички потези, кои би довеле до предвремени избори. Тоа го гледаме како единствен начин за канализирање на насобраниот граѓански револт.

2) ДОМ и во парламентот и на локално ниво ќе дејствува независно и конструктивно, во склад со своите програмски приоритети, поддржувајќи ги сите предлози што се во интерес на граѓаните и на државата. Наша заложба и натаму останува Македонија како една изборна единица.

3) Одлуката на ДОМ за излегување од коалицијата доаѓа како логична завршница по сите наши реакции со осуда на содржината на снимките што ги емитува опозицијата, а кои говорат за кршење на основните принципи на правната држава, човековите права и слободи. Токму затоа ДОМ предлагаше решавање на политичката криза преку два паралелни процеса – правен и политички, кои би започнале со оставка на јавниот обвинител, враќање на опозицијата во Парламентот и избор на нов обвинител со консензус. Сите случаи би ги следела анкетна комисија во Парламентот.

Од друга страна, ДОМ во повеќе наврати изрази и големо незадоволство од незаинтересираноста  на партнерите да се реализира еколошкиот програмски пакет договорен пред последните парламентарни избори. Сите овие елементи беа дел од заклучоците на Централниот одбор на ДОМ од 21 март 2015.

4) Учеството на ДОМ во оваа коалиција има различни фази, со различен третман и резултати. Мора да се каже дека во првите неколку години имавме многу добра комуникација и висок степен на исполнување на договорените програмски заложби. Тоа беше и особено успешен период на оваа Влада. Следеше период во кој почна да се менува односот кон партнерите и кон договореното, иако сеуште поголемиот дел се реализираше. Последниве години имавме повеќе несогласувања на наши и на општи теми, за кои реагиравме или гласавме по сопствено убедување, како законите за абортус, високо образование, просторно и урбанистичко  планирање, зеленило, градски архитект, гумени куршуми; обидот за уставна дефиниција на вонбрачна заедница; непрофесионално судство; непостапување на обвинителството и други институции при еколошко загадување или насилство врз ЛГБТ заедницата, ГТЦ и др.

Сето ова беа причини веќе извесно време ДОМ да го преиспитува своето учество во коалицијата. Во изминатиов двомесечен период ДОМ му даде шанса на дијалогот што го водеа ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Очекувавме дека ќе биде постигнат договор, но до тоа не дојде, а на терен ситуацијата ескалира. Време е за конкретни политички потези. Ние го правиме својот потег, закој сметаме дека e наша обврска во овој политички момент.

Со почит,

Сектор за односи со јавност на ДОМ