Во секогаш динамичниот Берлин, зелените површини играат изненадувачки значајна улога.
Градот Берлин како урбана зона, се гледа како остварување на паролата за зелена и урбана оаза. Неговите жители пак ќе ви речат, оти тој е еден од градовите со најмногу урбано зеленило во Европа . И тоа е точно, зелените површини и водата, зафаќаат повеќе од половина од површината на германскиот главен град.
Урбаниот развиток на динамичната метропола останува да биде предизвик на кој допрва ќе се наоѓаат одговори, но интересна е историјата на жителите и посетителите на овој град за неговиот култ кон зелените простори.
Во 1930 година, францускиот дипломат и писател Jean Giraudoux ќе напише дека Берлин,,не е Град на градини, туку град – Градина“ Ова можеби изгледа невообичаен впечаток денес, кога градската панорама ја исцртуваат збир од изобличени висококатници и архитектонско- бетонски социјалистички дистопии*. Но, и покрај сите нијанси на сиво, Берлин сеуште поседува огромни зелени површини и отворен простор за сите негови жители. Дестинациите се редат, од Volksgärten (Народниот парк), преку градските шуми Grunewald па се до, Централниот парк (Tiergarten).
Тука се и неодминливите поранешни девастирани површини , кои се појавуваат по падот на ,,Берлинскиот Зид,, како и многуте црни точки низ градот кои денеска се претворени во зелени оази за одмор и рекреација на Берлинчани. На овие рекреативни зони се надоврзува и огромната слободна површина на поранешниот Берлински аеродром, денеска место вратено на неговите жители за одмор и релаксација.
Клучните учесници во урбаниот развиток на градот само го потврдуваат овој впечаток. Според директорката на Берлинскиот сенат за планирање на просторот Beate Profé , градот во европски рамки е исклучително зелен град. Од вкупната површина на градот 46 насто им припаѓа на природното зеленило и водата. Според Profé, ова е ситуација која ги радува жителите на овој град и ги прави, активни креатори на зелените површини во градот.
Но како всушност се раѓа и развива љубовта на градот кон зелените простори?
Историјата вели дека Берлин за разлика од старите историски градови како Рим или Париз, ја имал таа привилегија (како релативно млада метропола) да се развива во согласност со новите трендови на урбаното планирање, прилагодено пред се на галопирачката индустријализација на 20 век. Забележано е дека, концептот на пространи зелени површини е резултат на трендот на градење на т.н. Паркови за Народот, како одговор на се поголемиот број на здравствени проблеми и ниските хигиенски услови во кои живееле луѓето во овој период. Урбанистичките планови, предвиделе и можност жителите кои не поседуваат земја, да можат да одгледуваат зеленчук во сопствениот двор. Токму овие домашни градини, ќе се покажат како пресудни за прехрана на населението за време на Втората Светска Војна. Денес, преку 75 илјади од овие зелени домашни оази сеуште се садат,а новите урбанистички трендови предвиделе и т.н.,,Герила градини“наменети за бетонските површини на Берлин.
Западно и југозападно од градот се наоѓаат градските шумски простори, кои исто така се негуваат и штитат уште од почетокот на современиот урбан развиток на градот. Градските хроники бележат, дека во периодот меѓу 1902 -1914 година бројот на жители во Берлин се зголемува од 2,7 на 3,7 милиони. На ова доселување, се надоврзува и експанзија на нови градби и зголемување на цената на недвижности. Одговорот повторно доаѓа од самите жители на Берлин, во форма на граѓанската кампања, против забрзаната урбанизација и ширење на градот на сметка на околното зеленило.
Денес Градот го стимулира и користењето на простори од времен карактер
Овој урбан феномен, жителите на Берлин го негуваат уште од крајот на Втората светска војна. Тоа најмногу се гледа во делот околу поранешниот Берлински Ѕид. Претходно запуштените и празни простори денес се исполнети со жители од околните градски четврти, кои се рекреираат или создаваат уметнички мини зони кои како услови им ги овозможува Градската управа. Сето ова позитивно влијае и на цената на недвижнини во околината, иако конечната намена на целиот простор не е дефинирана.
Сепак, корисниците на овој простор, нагласуваат дека се противат на урбанистичко дефинирање на овие простори како рекреативни зони, бидејќи со тоа се намалува уметничката и креативна димензија кои овие корисници ја создаваат. Благодарение на овие ставови, последните децении се воочува поголемо разбирање за креативниот потенцијал на овие уникатни урбани зони на Берлин.
На овој заклучок се надоврзува и книгата од 2006 година ,, Урбаните Пионери,, издадена од страна на Владата, а изработена од прогресивниот Урбанист-планер и Архитект Klaus Overmeyer.
Планот предвидува скејт-паркови во напуштените индустриски зони и мини-фарми кои ќе се создаваат долж просторот на Поранешниот Ѕид. Плановите одат и понатаму. Директорката на Берлинскиот сенат за планирање на просторот Beate Profé вели дека ваквите креативни решенија на жителите на градот, ќе се пресликаата и на други зелени површини во Берлин. Веќе се планирани 4 хектари од постојните големи паркови, да бидат пренаменети токму за проекти предвидени со планот на ,,Урбаните Пионери“
Законски рамки за природното зеленило
Сојузните власти на Германија преку закон ги обврзуваат инвеститорите при градба, да вложат во еднаква површина на зеленило. Резултат од овој закон е паркот Gleisdreieck (во превод триаголни пруги). Долго време запуштена, оваа индустриска зона е денес зелен парк кој благодарение на овие законски субвенции е изграден со 22 милиони евра, токму од инвеститорите во Берлин.
Урбаното градинарство како тренд во подем
Одгледување на сопствени растенија во малите градини или балконите на стамбените објекти, е дел од урбаната историја на градот Берлин, но Владата оди чекор понатаму, овозможувајќи им на граѓаните за одредена сума да изнајмат или купат земјоделско земјиште на границите од градот и да го обработуваат за сопствени потреби.
Страв од наплив на градби
Граѓаните на Берлин се свесни за трендовите на градење но и опасноста која произлегува од тоа. Тие велат дека нема да дозволат пренамена на зелените површини во градежни, а на тоа се надоврзува и Директорката на Берлинскиот сенат за планирање на просторот Beate Profé која вели дека Урбаниот план на Берлин е во правец на одржлив развој во следните 30 години, во кој зелените површини, сеуште ќе го имаат главниот збор во планирањето на градот.
Овие еколошки трендови можат да бидат и наша реалност доколку создадеме законска рамка која тоа и би го поддржала. Токму затоа ДОМ во својата програма најавува усвојување на вистински и комплетен Закон за зеленило. Со овој закон, ДОМ иницира институционална заштита на зеленилото , преку кој ќе се воведе целосен систем за планирање, проектирање, подигање, одржување, заштита, користење и реконструкција на зеленилото, финансирање и управување со него, како и надзор над примената на овој закон.
*(имагинарно место каде се изгледа најлошо што може).
Линк кон оригиналниот текст:
http://www.dw.de/in-gritty-berlin-green-space-plays-a-surprisingly-large-role/a-14983881
Александар Ивановски