Резолуција за забрана на користење, одгледување, производство и трговија со генетски модифицирани организми (ГМО) на територијата на Република Македонија

Предложено од делегатите на Третиот Конгрес на Демократската обнова на Македонија (ДОМ), одржан на 21 декември 2014 година, во Скопје 

ЗЕМАЈЌИ ПРЕДВИД дека генетски модифицираните организми се живи организми чиј генетски материјал е вештачки манипулиран во лабараториски услови преку генетски инжинеринг, со што се креираат нестабилни комбинации на растенија, животни, бактерии и вирални гени кои не се наоѓаат во природата или не се креирани со методи на традиционално вкрстување на семиња;

ЗЕМАЈЌИ ПРЕДВИД дека со истражувањата презентирани во референтни научни и медицински студии, докажано е дека пестицидите, кои се употребуваат при одгледување и производство на генетски модифицирани организми, доведуваат до појава на рак, нарушувања на ендокриниот систем , репродуктивни и развојни оштетувања кај цицачите, оштетувања на ДНК, предизвикуваат промени на внатрешните органи и на гастроинтестиналниот систем, предизвикуваат имунолошки проблеми, го забрзуваат стареењето, предизвикуваат неплодност кај човекот, и

СО ОГЛЕД НА ФАКТОТ дека генетски модифицираните организми претставуваат сериозна закана по животот и здравјето на луѓето, земјоделското производство, животната средина, биодиверзитетот, економијата.

СО ОГЛЕД НА ФАКТОТ дека Република Македонија е држава во развој и сеуште го нема постигнато потребното ниво на изградени капацитети: институционални, технолошки и човечки за справување со генетски модифицираните организми, и како нејзини граѓани кои имаат обврска сегашните и идните генерации да ги заштитат од опасна храна по нивното здравје не смееме да дозволиме користење, одгледување, производство и трговија со генетски модифицирани организми (ГМО) на територијата на Република Македонија; поради тоа

РЕШИВМЕ дека е неопходно:

ОД СТРАНА на Собранието на Република Македонија да се донесе закон за забрана на користење, одгледување, производство и трговија со генетски модифицирани организми (ГМО) на територијата на Република Македонија;

РЕШИВМЕ од Собранието на Република Македонија да побараме да донесе Декларација за прогласување на Република Македонија за земја без генетски модифицирани органзими;

РЕШИВМЕ да побараме од Владата на Република Македонија, преку соодветните министертва и институции да преземе соодветни мерки, како што се стручни предавања и други програми за образование на земјоделците и другите учесници во организирањето на производство, преработка и трговија со земјоделско – прехранбени производи, со цел спречување на одгледување и трговија со генетски модифицирани организми и хемикалии опасни по здравјето на луѓето и живиот свет;

ДА СЕ ДОНЕСАТ ЗАКОНСКИ РЕШЕНИЈА со кои ќе се воведе задолжително видливо етикетирање на продукти произведени во Република Македонија или во други држави, кои биле подлежни на генетски инжинеринг и во себе содржат генетски модифицирани организми;

ДА СЕ НАДГРАДАТ техничко – материјалните и човечките ресурси на надлежните институции, особено на Агенцијата за храна и ветеринарство, со цел превенција, справување и спречување на користење, одгледување, производство и трговија со генетски модифицирани организми (ГМО) на територијата на Република Македонија

ДА ГИ ЗАШТИТИМЕ автохтоните семиња и видови и тие да бидат основата за изградба на одржливо земјоделство;

ПОНАТАМУ РЕШИВМЕ да побараме од Владата на Република Македонија, процесите на евентуални инвестиции од страна на странски и домашни компании за кои постојат основани сомневања дека се производители на генетски модифицирани организми или се занимаваат со генетско инжинерство, да бидат водени на транспарентен начин со широка јавна дебата и целосна вклученост на јавноста;

Конечно, ДА СЕ ПОЧИТУВА ПРАВОТО граѓаните да бидат во целост информирани и едуцирани за опасностите од генетски модифицираните организми и последиците кои можат да настанат од нивната употреба, како и начините за заштита од нив.