Лилјана Поповска: Говор на третиот конгрес на ДОМ (21.12.2014)

Почитувани гости, драги колеги и пријатели, дами и господа,

Добредојдовте на третиот конгрес на ДОМ! Гледајќи ги гостите на овој собир, луѓе од различни партии, етничка и верска припадност, луѓе од невладини организации, од академската заедница, независни граѓани, гледајќи ги членовите на ДОМ – толку различни, изразити индивидуалисти, гледајќи Ве сите Вас, мислам дека имам право да кажам: Зеленото обединува! Тоа е и мотото на овој конгрес и Ви благодарам што дојдовте, за да поразговараме за еколошките теми и да станеме трајни сојузници, зашто за нашиот живот се работи!

Сите сме толку различни по многу нешта, ама еколошките теми се општо место во сечиј ум, во сечиј речник! Здравата животна средина ни треба на сите, тоа е исконски нагон за опстанок! Чист воздух, вода, здрава храна, зелена природа, хумани услови за живот – неопходни се, за да останеш ЧОВЕК.

Ова ме враќа на првата кампања со која ДОМ во 2006-та повика: Да се остане човек! Некому тоа му изгледаше апстрактно, но тврдам дека овој лозунг е вечно актуелен и важи за секого. Важи за секој граѓанин од која и да е професија, за да се бори за своето право да живее здраво и достоинствено како ЧОВЕК. За политичар, пак, има уште едно значење, да не заборави дека под функцијата, која е минлива, останува, или, треба да остане – ЧОВЕКОТ!

Почитувани, изгледа ни била судена на сите нас, како современици, еврејската клетва да живееме во интересни времиња! Јас би додала –  мачни времиња за Македонија и нејзините граѓани. Однадвор, Македонија е неправедно блокирана две децении, што создаде силни фрустрации кај сите нас. Боли неправдата, двојните стандарди и немоќта да смениме нешто суштествено, па се караме за тоа кој пат да го фатиме. А патот – беспаќе. Однатре, пак, Македонија самата се расчеречува на групи и подгрупи, се оди кон атомизација на нејзиното ткиво. Во сите сфери се судираме со Хобс – човек на човека му е волк. Толку зла крв е излеана, толку навреди и повреди, што ги прави поделбите длабоки и трајни. А грст луѓе сме – роднини, комшии, пријатели порано. Вреди ли борбата за власт, мајоризација, имоти, суети или што и да е, за изгубеното пријателство, за комшиското кафе, за пристојното добар ден како сограѓани и минувачи по исти улици? Убедена сум дека нема иднина за нас без враќање во нормала, кон демократски дијалог и поголема толеранција на  различностите. Тоа сме го знаеле и сме го практикувале со векови. Мораме да се вратиме кон себеси и кон човечкото во нас.

ДОМ ќе продолжи да дејствува и во овие сложени политички прилики. Понекогаш разбран и широко поддржан за некоја добра идеја, понекогаш не. Не е лесно да си во политичкиот центар, па уште зелен, во услови на жестока поларизација. Па така се случува од едни да си третиран како расипувач на забави, а од други како дежурен виновник за секој проблем. А се заборава дека 1 пратеник и да работи за петмина, бројно и по своето влијание никако не може да стане 62! Но ДОМ е решен да продолжи со своето мирољубиво, ама упорно делување на своите теми од зелената програма, отворен за соработка со секој субјект и поединец што споделува ист интерес и размисла. Ние сме свесни дека не можеме да приближиме два брега, но можеме да изградиме мост, макар понтонски, од нашите еколошки теми, кои сите не поврзуваат како луѓе што споделуваат ист животен простор. Зеленото не обединува и без да сакаме, така му е дадено.

Почитувани, на овој Трет конгрес на ДОМ, треба да видиме што сме направиле како зелена партија во изминатите 4 години, како дел од коалицијата и што треба да правиме во следните 4. За резултатите веќе нешто се кажа, ќе се дискутира повеќе во работниот дел, при Извештајот. Само генерално ќе заклучам дека е направено многу – се направија многу закони и стратешки документи, а почната е и нивната примена. Но, во овој 4-годишен период имавме и неприфатени иницијативи, закони и мерки, иако ни изгледаа толку логични, потребни и прифатливи за секого, како на пример, Законот за градски архитект, или Законот за зеленило. Поради тоа, на Конгресот ќе дискутираме и за начините како ДОМ да го зајакне своето политичко влијание, за да може да реализира повеќе од својата програма.

За нас од ДОМ ова е многу важно. Не за да се пофалиме, туку затоа што сме загрижени за некои состојби. Порано во екологијата немавме закони, ни институции, па преку Владата се посветивме на тоа и сега ги имаме. Но без издвојување на потребните буџетски средства и јакнење на капацитетот на тие институции, тие не се во состојба целосно да ги решат децениските еколошки проблеми. Според наше гледање, сржта на проблемот лежи во недостигот на еколошка свест во општеството, поради што екологијата сеуште се турка подолу на листата на приоритети.

А еколошките прашања се од животна важност и приоритет над сите други, барем за нас како зелена партија. Да почнеме од квалитетот на воздухот, кој бара зголемен број мерни станици, зајакнати инспекторати за животна средина и строго почитување на законите. Голем напредок се постигна со тоа што скоро сите големи загадувачи мораа да набават еколошка опрема. Но сепак им се дозволи на Макстил и Југохром да го игнорираат рокот од 1. април 2014. Требаше да се крене бура од улични протести, јавни критики, дури и кривични пријави од страна на ДОМ, за да се спаси Скопје од загадувањето на првиот. А вториот загадувач, Југохром, сеуште чури, го труе Тетово и ја добива поддршката од некои институции.  Дури, на наше огромно незадоволство, Јавното обвинителство ја отфрлило нашата кривична пријава како неоснована, за што вчера ја известивме јавноста. Голем проблем е и загадувањето од РЕК, за што Битолчани станаа на нозе. Рамо до рамо маршираа луѓе од различни партии, зашто ги обедини заедничкиот проблем со нивното здравје.

Ако зборуваме за историските загадувања во старите фабрики, тие сеуште чекаат решение, со исклучок на линданот во ОХИС, кој почна да се решава. Затоа го баравме Законот за квалитетот на почвите, кој е направен, но не е донесен, зашто ќе бара средства за негова реализација. Слично е и со решавањето на опасниот хемиски и друг вид отпад. Сите тие операции бараат конкретни средства и знаење.

Поради сево ова спомнато и уште многу неспомнато, ДОМ има силен мотив да го јакне својот идеолошки профил и организационен капацитет како зелена партија. Зашто зелените имаат одговорна мисија во земја со костури од стари комбинати, без современи системи за управување на отпад и води и без целосна контрола на загадувањето од секаков вид. ДОМ треба истовремено да работи и на стручен план, изнаоѓајќи решенија за проблемите, но и на натамошно подигање на еколошката свест кај граѓаните и политичарите. Ова второво е најефикасно со самостојни изборни настапи, па ДОМ веднаш по Конгресот започнува со подготовка за следните локални избори 2017.

Драги колеги и пријатели, има политички теми што потешко се пробиваат низ напластот на незнаење, предрасуди и бизнис интереси. Токму такви се еколошките  теми. Но тие имаат свои мисионери, кои ја знаат важноста на екологијата за човекот и за живиот свет. Затоа, знам со сигурност дека ДОМ ќе продолжи да чекори со сите Вас, од политиката, науката и граѓанскиот сектор, кон зелена Македонија! Сите сме луѓе од различно потекло, етничко, верско, политичко, од различен пол, сексуална ориентација, возраст, состојба – а заедничка ни е борбата за чист воздух и здрава животна средина!

Нека ни е со среќа! Главата горе и да чекориме упорно и настојчиво кон зелена Македонија. Сега веќе не сме сами, зашто зеленото обединува!