ЗЕЛЕНОТО ОБЕДИНУВА! Порача ДОМ од третиот конгрес

Зеленото обединува е мотото под кое денеска беше одржан Третиот конгрес на ДОМ. Со ова ДОМ порача дека и покрај силните поделби во земјата по секаква основа, и покрај крајната атомизација на општеството, треба да се обединиме и да станеме трајни сојузници решавајќи ги суштинските еколошки проблеми, зашто за нашиот живот и здравје се работи! 

„ДОМ има силен мотив да го јакне својот идеолошки профил и организационен капацитет како зелена партија. Зелените имаат одговорна мисија во земја со костури од стари комбинати, без современи системи за управување со отпад и води и без целосна контрола на загадувањето од секаков вид. ДОМ треба истовремено да работи и на стручен план, изнаоѓајќи решенија за проблемите, но и на подигање на еколошката свест кај граѓаните и политичарите. Ова второво е најефикасно со самостојни изборни настапи, па ДОМ веднаш по Конгресот започнува со подготовка за следните локални избори 2017“, порача денес Лилјана Поповска, која беше избрана за претседател на партијата во наредниот четиригодишен период.

На Конгресот беше усвоена новата Програма на ДОМ 2014-2018, во која се истакнати основните цели и заложби на партијата:  јакнење на партијата на внатрешен план, јакнење на нејзиното политичко влијание и нејзино формално етаблирање во семејството на европските зелени партии. Во Извештајот за изминатиот развоен период, усвоен од Конгресот, се истанкнува дека ДОМ го посветено работеше на своите приоритети: заштита на животната средина; обновливи енергии и енергетска ефикасност; еко-туризам; социјална правда и еднакви можности; култура, образование и наука; толеранција и ненасилство. ДОМ придонесе за подигање на еколошката свест на граѓаните и политичарите, со што за прв пат во македонската политика прашањата поврзани со животната средина станаа жешки политички теми. Конгресот усвои и две Резолуции: за Македонија без ГМО и за подобрување на местото и положбата на младите во општеството.

ДОМ, како единствена зелена партија во Собранието, и понатаму посветено ќе работи на своите заложби и остварување на поставените цели или, како што изјави Поповска „Здравата животна средина ни треба на сите, тоа е исконски нагон за опстанок! Чист воздух, вода, здрава храна, зелена природа, хумани услови за живот се неопходни за сите и затоа не обединуваат.“

Со почит,

Сектор за односи со јавноста