ДОМ бара од МНР конкретни дипломатски активности со кои на сите пријателски земји ќе им се објасни суштината на наметнатиот спор со Грција, за да не доаѓаат во ситуација кога, сакајќи да ни помогнат, несвесно ни одмагаат.
Повод за оваа реакција е вчерашната изјава на германската канцеларка Меркел. Taa не израдува поради јасната воља да и се помогне на Македонија во нејзиното евроатлантско интегрирање, но истовремено и не загрижи со зборовите „нерешениот проблем со името и идентитетотмеѓу Македонија и Грција е товар за сите нас”.
Веруваме дека спомнувањето на идентитетот во ваков контекст е лапсус, но во заплетканиот ирационален спор секој збор е важен. Впрочем, за македонскиот идентитет и јазик постојат голем број трудови од афирмирани германски научници. Македонија се има согласено во рамките на ОН да разговара за разликите околу името што ги наметна нашиот јужен сосед, но никогаш не се согласи и не може да се согласи да разговара за македонскиот идентитет.
ДОМ потсетува на универзалните човекови права за самоидентификација, зашто идентитетот е длабоко лично чуство за припадност. Идентитетот на еден народ и еден јазик се резултат на историски процеси и се дел од светското духовно културно наследство, заштитено од УНЕСКО. Токму затоа ДОМ ја иницираше Годината на македонскиот јазик во 2008-та, која УНЕСКО ја прогласи за Година на јазиците.
Укажувањето на ДОМ е крајно добронамерно, зашто сме свесни колку е значајна поддршката на Македонија од страна на влијателна земја како Германија, која е истовремено еден од нашите најголеми донатори за безброј полезни проекти, но и еден од најголемите трговски партнери.