Поповска се произнесе во парламентот

“Јас ќе ги поддржам уставните промени. Некои се многу важни, особено оние поврзани со судскиот систем и финансиите. Но, токму поради нивното значење, потребна е широка јавна дебата и експертска анализа, која е впрочем и најавена од предлагачот.

Очекувам во оваа дебата да се вклучат и опозиционите колеги, кои во моментов се надвор од Парламентот за да имаме сеопфатна дебата во која ќе се согледаат сите аспекти и ќе се добијат поквалитетни решенија.

Морам да кажам, дека секогаш чувствувам трепет кога се посегнува по Уставот, да не ни се случи отворање на Пандорината кутија. Треба да кажеме дека за голем број прашања веќе постојат законски решенија кои ги регулираат, следејќи го духот на Уставот, независно дали се експлицитно наведени во него.

Таков е случајот и со дефиницијата за бракот, која се предлага сега во Уставот. Лично не сметам дека бракот е загрозен. Постои широк политички и граѓански консензус за бракот. Тој е милениумска институција, која функционира токму така како што се предлага: како заедница на еден маж и една жена. Јас не знам во Македонија да има брак со повеќе жени, или повеќе мажи.

И за мене, бракот е многу важна клетка на општеството, која е многу важна и за воспитание на младите генерации. Ги почитувам идеолошките убедувања на сите колеги, се разбира и на колегите со демохристијанска ориентација. Тие се поддржани од мнозинството кое сметаат дека ова треба да стои во Уставот. И тие имаат легитимно право ова да го предложат.

Како што стојат работите ќе се изгласа амандманот за дефинирање на бракот во Уставот што ќе значи само потврдување на веќе постојните дефиниции од двата закона и Уставот во член 40. Нема да има суштинска промена за најголем број наши граѓани. Но, од помала група наши сограѓани кои се ЛГБТ луѓе ова може да се сфати како негирање на нивното постоење и нивната различност. Ова го поврзуваат со фактот што во Законот за спречување на дискриминацијата не е внесена формулацијата „сексуална ориентација“ како една од основите за дискриминација. Факт е дека ЛГБТ луѓето постојат во Македонија, тие се наши сограѓани. Нивното постоење нема да се смени со законската регулатива. Тие се малцинска група, како и секаде во светот, но ние имаме обврска да ги штитиме нивните права, како и на секој еден граѓанин.

Затоа, повторувам дека ќе ги поддржам уставните промени без условување. Истовремено најавувам и иницијатива за дополнување на Законот за спречување на дискриминацијата со формулацијата „сексуална ориентација“ како еден од основите за дискриминација.

На ваков начин би се постигнал баланс, зашто ЛГБТ луѓето ќе добијат јасна порака и гаранција дека и нивните права во Македонија се заштитени со закон, како и за сите граѓани. Логично е ДОМ да оди со ваква иницијатива, зашто ние поднесовме амандман уште при носењето на законот, а годинава, пред изборите, во оваа насока потпишавме Декларација со нивните организации и претставници на истата тема.

Да завршам со уставните измени, се надевам дека широката дебата ќе се води во конструктивна атмосфера и ќе даде добри решенија, кои ќе ги изгласаме со широк политички консензус, по комплетирањето на Парламентот“.