МОДОМ со апел за толеранција

Младинската организација на ДОМ – МОДОМ, по повод 17 мај, меѓународниот ден за борба против хомофобијата и трансфобијата, упатува апел за толеранција и почитување на луѓето со различна сексуална ориентација.

Нашиот став како организација со зелена политичка платформа е дека говорот на омраза кој е резултат на предрасудите, стереотипите и недоволната информираност треба да биде спречуван преку изнаоѓање соодветни законски решенија и нивна примена. Ние сме убедени дека македонското општество има потенцијал да биде толератно кон ЛГБТ заедницата доколку институциите на системот се вклучат во обезбедување поволна клима.

МОДОМ смета дека сите досегашни напади врз луѓето со различна сексуална ориентација треба да бидат осудени од страна на надлежните институции и да се преземат конкретни мерки за нивно надминување во иднина. Значаен чекор во овој правец би било внесувањето на сексуалната ориентација како основа за дискриминација во Законот за спречување и заштита од дискриминација.

Нашата заложба е Македонија да биде место каде што разликите ќе можат да комуницираат меѓу себе со почит и разбирање, место каде што индивидуалните квалитети ќе дојдат до израз без страв од формите на омраза, агресија и маргинализација врз основа на сексуалната ориентација.