ДОМ бара мораториум за уништување на зеленилото пред донесувањето на Законот за зеленило

ДОМ бара целосен мораториоум за уништување на урбаното зеленило до донесувањето на новиот Закон за зеленило.

Имено, според коалициониот договор со ВМРО-ДПМНЕ, ДОМ очекува законот за зеленило да биде усвоен во првите три месеци од новиот собраниски состав и новата Влада на РМ. Со овој закон ќе бидат уредени сите аспекти на заштитата и зачувувањето на градското зеленило, како и стандардите според кои ќе се врши заштитата. Законот ќе ги регулира и условите под кои ќе биде дозволено сечење на градски дрвја.

Дотогаш ДОМ бара воздржување од страна на сите општествени субјекти од уништување на зеленилото во градовите, како еден од најважните фактори за квалитетот на урбаното живеење.

ДОМ ги поддржува граѓанските протести против загадувањето на Скопје од Железарница и апелира до надлежните инспекторати да ја зајакнат контролата на квалитетот на воздухот и загадувањето кое доаѓа од Железара, особено во попладневните и ноќните часови, како и во деновите на викендот. Очекуваме итна поправка и редовно одржување на инструментите за мерење на нивото на загадување на воздухот на сите мерни станици, особено на онаа во Гази Баба, зашто се наоѓа на подрачјето директно изложено на загадувањето од Железара.

Зајакнувањето на човечките, техничките и организациони капацитети на инспекторатите за заштита на животната средина во првата година од новата Влада е исто така предмет на коалиционен договор помеѓу ДОМ и ВМРО-ДПМНЕ и ова силно ќе инсистираме да биде спроведено.

Пресот го држеше портпаролот на ДОМ Тони Ристов.