Интервју со Лилјана Поповска: ДОМ со два кандидати за пратеници

ИНТЕРВЈУ ЗА МАРИЛИ

1.Дом и на овие избори коалицира со ВМРО-ДПМНЕ дали водите Позитивна кампања?

Да, како секогаш и на овие избори коалицираме со владеачката партија ВМРО-ДПМНЕ. Можам да кажам дека водиме позитивна кампања. Ние ги кажуваме нашите програмски заложби и преземаме обврска пред граѓаните дека за нив ќе се бориме во институциите, притоа не навредувајќи никого. Целта ни е да се поттикнат луѓето да дадат поддршка на зелената програма, во интерес на заштита на животната средина и здравјето на луѓето.

2.Како поминувате на средбите со граѓаните? Кои се нивните најголеми проблеми?

Се уште економските проблеми се она што е најголемата мака на граѓаните. Затоа најголемиот акцент на коалиционите партнери е ставен на носењето странски инвеститори и отворање нови работни места, што веќе убедливо тргна како процес. Но по решавањето на егзистенцијата, луѓето бараат квалитетен живот, здрава храна, чист воздух и околина, хумани услови за живот во секој поглед, со грижа за стари, млади, лица со посебни потреби… ДОМ како зелена партија работи на создавање т.н. зелени работни места во чисти бизниси и подобрување на квалитетот на живот.

3.Како сте задоволни од резултатите од првиот круг за избор на претседател на Република Македонија?

Резултатите се одлични и најавуваат победа на кандидатот за претседател од Коалицијата за Подобра Македонија, Ѓорѓе Иванов и во вториот криг од парламентарните избори кои ќе се одржат на 27 – ми април. Граѓаните во недела ќе го потврдат тоа.

4.За што се залага и ќе се залага политичката партија ДОМ?

На овие парламентарни избори ДОМ направи договор со ВМРО-ДПМНЕ за реализација на еден програмски зелен пакет од 5 приоритети:

1) Носење на Закон за зеленило во првите 100 дена, што ќе значи институционална заштита на зеленилото во градовите и гарантирани проценти зеленило на ниво на град и градежна парцела

2) Закон за квалитет на почвата во првите 100 дена, што ќе значи контрола на почвите, отстранување на загадените делови и садење на проверени чисти почви, за здрава храна

3) СТОП за големите загадувачи и нивна редовна контрола

4) Јакнење на системот за контрола на квалитетот на воздух, вода и почва, деноноќно, попладне, навечер и за викенди

5) Македонија без отпад, со отворање современи депонии и разработка на собирањето на електронски отпад, батерии, акумулатори и опасен отпад. Се разбира, нема да ги заборавиме и другите наши теми, како социјална правда и еднакви можности, унапредување на обновливи енергии, енергетска ефикасност и туризам, заштита на природни реткости, борба со ГМО и др.

5.Колку кандидати за пратеници има ДОМ?

Нашата опција понуди двајца кандидати за пратеници во Собранието на Република Македони. Едниот кандидат сум јас и тоа во Изборната Единица 1 и Тони Ристов, портпаролот на ДОМ, во Изборната Единица 2.  

6.Како ја оценувате моменталната политичка состојба во Македонија?

Политичката состојба во нашата држава ја оценувам како „зовриена“. За жал многу жештина е внесена меѓу позицијата и опозицијата. Изјавите кои се даваат се пренагласени при тоа никој не води сметка дали и колку ќе го повреди соговорникот. Личните етикетирања со големо количество на „зла крв“ е секојдневие во политичките обраќања и изјави. Тоа е не добро ниту за државата, ниту за граѓаните кои се презаситени од ваквиот негативен набој. Ни недостасуваат аргументирани спокојни дебати од собраниската говорница иако има колеги кои настапуваат во овие културни граници.

7.Каква е соработката со останатите политички партии?

Многу добра, зашто веќе осум години коалицираме и соработуваме, па добро се запознавме, изградивме пријателство и доверба. А веројатно е најважно тоа што споделуваме исти идеали за доброто на Македонија како граѓанска држава, како дом за сите, но и за одбрана на нејзиниот суверенитет и интегритет, како и за одбрана на македонскиот идентитет.

8.Логично е љубовта кон нашата „зелена” земја да ја промовирате и во Вашата партија ДОМ. Зошто токму партија на зелените?

Зашто зелената идеја е мојата кожа, мојата природна состојба, но и затоа што има многу луѓе во Македонија што бараат политичка артикулација на зелената идеја. За поздрава животна средина, за одржливо и одговорно управување со природните ресурси, низ почитување на демократските принципи и човековите права, со многу толеранција, ненасилство и уважување на разликите.

Интервјуто беше направено за неделниот печатен кумановски весник „Плоштад“.