ДОМ бара целосно еколошко прилагодување на загадувачите

Знаејќи ги и следејќи ги состојбите со еколошкото прилагодување на големите загадувачи, како услов за добивање А интегрирана еколошка дозвола, ДОМ чувствува обврска пред јавноста еден месец пред истекот на рокот 1 април да излезе со јасен став.

Задоволни сме што големите загадувачи сериозно ја сфатија обврската и голем дел од нив се пред исполнување на обврската. Имено од вкупно 132 поднесени барања за дозволи, досега од инспекторатот за животна средина за 63 инсталации се издадени дозволи, а останатите се во процедура и голем дел во завршна фаза пред издавање. За околу 20 инсталации има издадено А интегрирана еколошка дозвола – рече женскиот портпарол Маја Морачанин.

Сепак кај нас постои загриженост, бидејќи постојат две компании кои најавија дека нема да го запазат рокот. Проблемот е различен во двата случаја.

Едната е компанија која функционира во просторот на скопската железара и која премногу доцна почна со процесот на прилагодување. Жалиме што сериозно не ја разбраа обврската, во оние моменти кога имаа одлични финансиски ефекти, а не сакаа да издвојат по 1% од профитот за заштита на животната средина – дополни во обраќањето Морачанин.

Не смееме да дозволиме ова да биде причина скопјани да имаат 6 месеци дополнително загадување. Затоа бараме: Институциите да извршат притисок компанијата да работи со строго контролиран технолошки процес за да го сведе загадувањето на минимум затоа што познато е дека при интензивно шаржирање и водење на процесот многукратно е зголемена емисијата на штетни материи. Дополнително овој капацитет да им компензира на скопјани со подигање на нови зелени површини во Парк шумата Гази Баба, како и нови парковски површини во општините кои најмногу го чувствуваат загадувањето, Гази Баба, Бутел, Аеродром и Центар – изјави машкиот портпарол Тони Ристов.

Вториот субјект од Јегуновце, заради слабата финансиска состојба не е во можност да го постигне рокот. Оваа компанија е значајна за економска егзистенција на луѓето кои гравитираат на овој простор и кои работат во неа. Свесни сме што би значело затворањето на компанијата. Затоа го повторуваме нашиот предлог до Владата на Македонија, да изнајде начин за кредитни линии од европски или други фондови со што на компанијата би и се помогнало да го направи толку потребното еколошко прилагодување – рече Ристов.