Евроинтеграцијата од убав сон се претвори во ноќна мора 2014

За Р.Македонија најзначајно прашање е процесот на евроинтеграција, но според сите најави тоа нема да биде приоритет за ЕУ во овие шест месеци.

За нас како Македонци,како македонски граѓани,евроинтеграцијата за жал во моментот личи на недостижна цел.Од убав сон кон кој се стремевме,се претвори во ноќна мора. Влеговме во процесот на евроинтеграција со најголем ентузијазам од сите земји досега- 90% наши граѓани силно го посакуваа и затоа силно работеа да го достигнат.ЕУ изгледаше лесно дофатлив сон, со јасни критериуми и јасна агенда од Солунскиот самит 2003. Македонија ги исполни тие критериуми еве пет години по ред. И пет години по ред добиваме вето, забрана за влез од една земја, од најблискиот сосед.Спротивно на Конвенцијата на ОН за право на самоидентификација,спротивно на критериумите од Копенхаген, спротивно на Привремената спогодба со Грција за непопречување на меѓународните интеграции.Поради сево ова подршката за ЕУ падна. Сеуште е доволно силна, но со една голема промена за ставот . Дури 67% од граѓаните не сакаат да го прифатат новиот неправеден,нелогичен,антиевропски услов:Промена на име, за влез во ЕУ.

Поради сево ова евроинтеграцијата за нас стана ноќна мора со куп прашања за кои немаме одговор.Што е со европските вредности кон кои се стремиме? Дали на европјаните им се битни? И зошто ги кршат врз македонскиот грб? И што ќе правиме ако уште педесет години трае ова вето од Грција?

Предлагам ЕУ да се врати кон своите вредности, кон своите принципи, конечно, кон почитување на меѓународните принципи. Не заради Македонија, туку заради себеси, својата стабилност и просперитет. Таква ЕУ ќе биде добра, силна, стабилна, во интерес на сите нејзини граѓани.

Верувам, сепак верувам, во политиката сум затоа што сум оптимист и се борам за она во што верувам, дека ќе надвладее правдата,здравата логика и заедничкиот интерес.

На крајот како член на Комисијата за надворешна политика една иницијатива до амбасадорот на Р.Грција , да воспоставиме конечно парламентарна соработка помеѓу нашите две земји и да се обидеме парламентарната дипломатија да го стопи мразот во политичките односи.