Кристоф Најдовски чии родители имаат македонско потекло е кандидат за градоначалник на Париз, каде што ја предводи листата на партијата на Зелените. Најдовски е единствен политичар во Франција што се кандидира за толку висока функција, а можеби и во Западна Европа, кој е со потекло од Македонија.
– Можеби јас сум првиот политичар, тоа ми дава извесна гордост, но и извесна одговорност кон земјата од каде потекнувам – Македонија. Тоа ми дозволува да им порачам на оние кои се во дијаспората и се со потекло од родители кои емигрирале во други земји дека можат да се интересираат за јавниот и политичкиот живот во градот и земјата во која сега живеат, со што можат да го подобрат животот на луѓето. Ова е и смислата на моето ангажирање во Париз, вели за Дојче веле, Кристоф Најдовски.
Во политиката, која не е негова професија, како што посочува, влегол „преку екологијата“, сакајќи да биде „актер, а не гледач“.
– Тоа се совпаѓа со убедувањата и идеите за изнаоѓање на модел за развој, со оглед дека имаме само една планета, односно да не се растураат бесконечно природните ресурси преку еден модел, кој ќе ја зачува природната средина и човекот со неговиот кавилетет на животот, истакнува Најдовски.
Еколошките движења и партии имаа големо влијание во политиката за уредувањето и развојот на Париз во последниве дваесет години. Нивната акција дојде посебно до израз во транспортот и враќањето на трамвајот, операцијајата „Париз-Плажа“ покрај Сена или пак создавањето на зелени простори и места во детските градинки, што веќе пет години е во директна надлежност на Најдовски.
За еколошката свест во Франција и во Македонија, тој вели дека двете земји имаат различно минато и ниво на развој.
– Денес тоа што го гледам е дека урбаните политики кои се водат во Македонија, на пример во Скопје, наликуваат многу на политиките кои се водеа пред дваесет или триесет години во Париз за подобрување на автомобилскиот сообраќај. Од пред 12 години во Париз ние избравме намалување на автомобилскиот сообраќај и развој на јавниот превоз и велосипедот, укажува Најдовски.
Тој и партијата Европа Зелени Екологија има тесни контакти со пријателите од македонската политичка партија ДОМ, која има статус на набљудувач во Европската партија на Зелените.
– Јас ги посетив моите пријатели од ДОМ минатата година во Скопје, а имав можност да разговарам со нив и во Париз на состанокот на Европската партија на Зелените. Се обидуваме да пренесеме дел од нашите искуства, јас посебно од моите искуства како избран во градот Париз, со совети за развој на еколошката свест на граѓаните, наведува Најдовски.
Нагласува дека Зелените на европско ниво од секогаш ја поддржувале европската интеграција на Македонија и посебно правото таа да го употребува своето уставно име – Република Македонија и дека граѓаните имаат право да се викаат Македонци, бидејќи тие се Македонци.
– Жалам што Македонија нема напреднато повеќе во евроинтеграцијата. Но, речиси десет години сме блокирани поради прашањето за името со Грција. Мислам дека има недостиг на храброст од извесни европски елити по ова прашање. Колку што знам има еден регион кој се вика Луксембург во Белгија и една држава со истото име. Тоа не му создава проблем на никого. Затоа не гледам зошто би имало проблеми ако има еден регион кој во Грција се вика Македонија, и една држава до неа која се вика Република Македонија. Најдовски притоа забележува дека општо земено во Франција постои глобално непознавање не само на Македонија, туку воопшто и на Балканот.
Кристоф Најдовски, кој е советник во градскиот совет, вели дека постои извесна незаинтересираност во Франција за овие земји, кои се европски земји и кои имаат определба да бидат интегрирани во ЕУ. Смета дека ЕУ треба да го забрза процесот на нивната интеграција, наместо да ги блокира.
Кандидатот на Зелените за градоначалник на француската престолнина не знае дали има „македонско лоби“ во Париз, но, вели, ако го има тоа не носи плодови. Додава дека досега никој не го контактирал од Македонија да лобира во нејзина полза во Франција.
– Јас се обидувам да ги сензибилизарам политичарите и луѓето со кои се среќавам со ситуацијата на блокада во која се наоѓа Македонија. Ситуација која е необична и која не би требало да ја има во Европа“, истакнува Кристоф Најдовски.