Извршниот одбор на ДОМ во целост ја поддржува иницијативата на МОДОМ за „Посилен глас на политичките подмладоци“. Ова е во согласност со зелените вредности за почитување на различните мислења и давање простор за нови и прогресивни идеи што ги носат младите.
Во ДОМ е формирана работна група составена од правната комисија и претставници на МОДОМ за промени во Статутот на ДОМ и негово усогласување со Европските зелени. Статутарните промени, кои треба да бидат донесени на следниот Конгрес на партијата, ќе овозможат: повеќе гарантирани места на членови на МОДОМ во Извршниот и Централниот Одбор на ДОМ, поголема независност на Младинската организација во носењето на одлуки, како и поседување на сопствена сметка и печат – рече портпаролот Маја Морачанин.
ДОМ со статутарните промени оди и чекор понатаму. Ќе биде воведен паритетен родов однос на раководните функции во партијата (на цетрално и на локално ниво) и на листите за избори. ДОМ оваа пракса веќе ја започна со именувањето на машки и женски потпретседател, на машки и женски портпарол, како и со 50% застапеност на мажи и жени на советничките листи за Локалните избори 2013, со што беше единствена партија со таква родова рамнотежа. Од ДОМ најавуваме, дека ќе бидат иницирани измени во Законот за политички партии, со кои ќе се озвозможи преку законската регулатива политичките подмладоци да се здобијат со повеќе влијание при носењето одлуки во политичкиот живот, а жените да имаат повеќе загаранирани места во извршувањето на јавни функции – изјави портпаролот Тони Ристов.
Претседателката на МОДОМ, Симона Сарделиќ појасни дека со овие статутарни промени, кои се однесуваат на Младинската организација би се постигнало и јакнење на одговорноста кај младите и профилирање на кадри кои ќе можат да дадат соодветен придонес во политичкиот и во јавниот живот во Македонија. Ова воедно значи дека, Ние, младите сме подготвени да преземеме одговорност за понатамошниот демократски развој на македонското општество и вклучување во политичките процеси во државата.
Би сакале да ги охрабриме и нашите пријатели од другите политички подмладоци да преземат активности и да се изборат за да се слушне гласот на младите, преку нашите заложби да ги подобриме правата на младите и развојот на младинските политики и стратегии, да се обезбедат буџетски средства за подмладоците на политичките партии со кои ќе се овозможи соодветно претставување на проекти и политики наменети за младите, како и нивна поголема вклученост со точен број на загарантирани места во одлучувачките органи на партиите – рече Блаже Јосифовски, потпретседател на МОДОМ и член на Извршниот одбор на европската Мрежа за развој и соработка на Источна Европа (CDNEE).
Оваа иницијатива на МОДОМ беше предмет на јавна дебата „Посилен глас за политичките подмладоци!“ која се одржа на 14 декември 2013 година, во присуство на членовите на извршниот одбор на Мрежата за развој и соработка на Источна Европа (ЦДНЕЕ), мрежа на организации на младите Зелени, преставници на политичките подмладоци, Институтот за економски стратегии и меѓународни односи Охрид, Агенцијата за млади и спорт и Националниот младински совет (НМС).
Со почит,
Сектор за односи со јавност