ДОМ предлага зелени дневни и семејни билети за градскиот превоз како мерка за почисто Скопје

Концентрацијата на загадување со која што се соочи Скопје во изминативе неколку недели и понатаму е многу висока. Најавите на метеоролозите дека временските услови ќе помогнат за загадувањето да се намали останува сепак во сферата на претпоставки и потребни се допонителни мерки од страна на институциите во Град Скопје и Јавните Претпријатија, а исто така и многу повисока свест на граѓаните на Скопје.

ДОМ неделава ја започна кампањата „Јас се возам со автобус“, со која се подигна свеста и која наиде на одобрување од граѓаните. Како продолжеток на кампањата ДОМ ќе поднесе предлог, преку Советот на Град Скопје, со кој ќе побара воведување на два нови билети за помасовно користење на градскиот јавен транспорт.

  1. Дневен зелен билет, по цена од 60 денари, кој граѓаните ќе можат неограничено да го користат во текот на едно деноноќие.
  2. Семеен викенд билет, по цена од 250 денари, кој едно семејство ќе може да го користи неограничено за сите линии на градскиот превоз, за време на викендот, независно дали ќе патуваат сами или семејно.

Ако знаеме дека секој автомобил просечно во атмосферата испушта јаглерод моноксид – 13.06 g/Km  или 130 г на 10 км, азотни оксиди – 0.87 g/Km  односно 87 г на 10 км, јаглерод двооксид – 258 g/km  односно 2580 г на 10 км или суспендирани честички ПМ 10 – 0,07 г/км или 0,7 г на 10 км,  можеме да пресметаме дека, доколку во текот на денот не се возат 5000 автомобили (од вкупно 400000 колку што циркулираат во текот на денот низ Скопје) колку ќе се намали емисијата на загадувачки супстанции.  Со овој предлог ќе се овозможи: помалку автомобили на улиците, помало загадување на раскрсниците и градските четврти, помалку нервозни возачи, помало загадување од автомобилите.

Апелираме  граѓаните да продолжат со користење на јавниот превоз во градот и порационално користење на автомобилите.

На пресот зборуваше портпаролот Тони Ристов