Доделени благодарници за придонес во реализирање на проектот Македонија без отпад 2013

Заменик министерот за животна средина и просторно планирање, Стево Темелковски во присуство на претставниците на асоцијацијата „Ајде Македонија“ и пратеничката во Собранието на РМ, Лилјана Поповска свечено додели Благодарници за придонес во успешното реализирање на проектот „Македонија без отпад 2013“.

Имено, Министерството за животна средина и просторно планирање, во соработка асоцијацијата „Ајде Македонија“, а во согласност со заклучoк на Влада, во октомври годинава, втор пат по ред,  ја спроведе акцијата “Македонија без отпад“ на целата територија на Република Македонија, со што нашата држава се вклучи во глобалната акција – Let’s do it! World Cleanup 2013.  

Во своето обраќање заменик министерот ги презентираше конечните резутати од спроведената акција.

– Националната кампања се спроведе на вкупно 386 регистрирани локации, во 70 општини во Република Македонија при што се собрани 19 685 м3 и 12 801 тони отпад.  Покрај општините и нивните комунални претпријатија, во активностите се вклучија и околу 70-ина училишта со преку 3700 ученици, 21 невладина организација, 11 компании, а вкупна бројка на евидентирани учесници изнесуваше  61 637- истакна Темелковски.

Благодарници им беа доделени на институциите кои активно се вклучија во реализирање на акцијата и на  компаниите кои ја поддржаа истата. Посебна благодарност беше упатена до Градот Скопје и градските служби за континуираната добра соработка во однос на справувањето со отпадот и особено за вонредниот ангажман на механизација и човечкиот потенцијал во реализацијата на централната акција во главниот град.

Генерална оценка е дека Кампањата постигна голема масовност и заинтересираност и кај националните и кај локалните институции, но и кај широката јавност што дефинитивно ќе ги подобри навиките и свеста кај граѓаните за правилно управување со отпадот и ќе допринесе за развивање на механизмите за подршка на граѓаните, општините и другите засегнати групи за подобро да се справат со неорганизираното и незаконско фрлање отпад во нивните заедници.