Македонија по петти пат од Европската Комисија доби позитивен извештај за напредокот со препорака за отпочнување на преговорите за членство во Европската Унија. Сепак и по петти пат оттаму се бара Македонија да го реши спорот со името.
За жал Европската Унија чука на отворена врата. Македонија има јасен интерес да се реши спорот, Грција е таа која не сака решение.
Македонија не може да го реши спорот со поставувањето на невозможниот услов од страна на Грција за име за севкупна употреба.
Грција во сиве изминати години ги блокира сите македонски обиди, сите средби на високо ниво, не постои никаква политичка соработка, ниту на владино ниту на парламентарно ниво. Грчкиот премиер недвосмислено изјавува дека чека Македонија да се распадне. Тоа се разбира нема да се случи, бидејќи и покрај нашите слабости, Македонија е стабилна држава која успешно излезе од многу кризи и предизвици. Време е меѓународната заедница да изврши силен притисок врз Грција за надминување на овој децениски спор и негово конечно решавање.
Најголем проблем ако Македонија остане и понатаму надвор од формалните рамки на Европските интеграции е можноста за развој на регресивни трендови.Тоа е како да бркате еден човек од некое друштво без негова вина.Чуството на неправда создава фрустрации поради кои тој човек може да се затвори во себе и да развие одбранбени механизми.
Ни ние сами, ни Европската унија не можеме да очекуваме од Македонија да има брзо приближување до европските стандарди ако се држи на дистанца и ако непрекинато добива стапови а ниеден морков.
Позитивниот извештај од Европската Комисија, не е морков, тој е само услов за морков. Но еве веќе пет години ние не го добиваме . Затоа ДОМ повторно апелира до сите релевантни субјекти во Македонија и во Меѓународната заедница да се сфати дека само силен притисок врз Грција може да го реши спорот, притоа почитувајќи ги меѓународното право, стандарди и принципи.
Македонија својот удел во барањето на решението го одработува принципиелно, а ќе го одработи и во иднина. Македонија и нејзините граѓани не заслужуваат неправда и казна.
Прес конференцијата ја водеше портпаролот Тони Ристов
Со почит,
Сектор за односи со јавност