Претседателката Лилјана Поповска со претставници од еколошкото друштво Вила Зора од Велес, при посетатата на Папрадиште и Богомила, во саботата, на 22 јуни, го промовираше отпочнувањето на постапката за валоризација на природните реткости и вредности кои ги поседува планината Јакупица.
Во изминатиот период беше формиран експертски тим за изработка на Студија за валоризација на Јакупица. Согласно Просторниот План на Република Македонија, Јакупица содржи исклучителни вредности, заради што е предложена за заштита како Национален Парк. Анализата на подрачјето, преку изработка на Студијата за валоризација, ќе ги опфати природните карактеристики на подрачјето, вклучувајќи ги и биолошката и пределската разновидност, и социоекономските аспекти. Врз основа на добиените резултати ќе се утврди дали подрачјето ги поседува истите карактеристики и може да биде заштитено како национален парк или пак ќе биде дадена нова предлог категорија на заштита, согласно Законот за заштита на природата.
Иницијативата за заштита на Јакупица како природно наследство е поддржана од Министерството за животна средина и просторно планирање.
Прогласувањето на Јакупица како заштитено природно наследство отвара можности за строга заштита на ретките и ендемични видови на флора и фауна кои се среќаваат на подрачјето, но и промоција на Јакупица како атрактивна туристичка дестинација во срцето на Македонија, токму заради извонредната пределска разновидност и пејзажни вредности.