На денешниот, последен прес во кампањата за Локалните избори 2013, претседателот на ДОМ Лилјана Поповска во придружба на носителите на „зелените“ советнички листи во скопските општини истакна дека ДОМ и овој пат водеше фер и позитивна кампања и затоа се надеваме на барем двојно повеќе „зелени“ советници од досегашниот број.
ДОМ на овие избори излезе со 43 самостојни советнички листи со 777 кандидати за советници, од кои половината се жени, кои во значителен број се и носители на листите. Во Програмата за зелени општини се формулирани приоритетите и мерките за поквалитетен и поздрав живот на граѓаните – зелената економија и нови, зелени работни места; социјалната правда и еднакви можности за сите, за жените и мажите; толеранција, разум и соработка, а сето тоа ќе придонесе за конечната цел – зелени општини за здрав живот. Овие заложби ДОМ ги сублимираше во слоганот „Избери зелено! Диши слободно!“ – истакна Поповска во својата изјава. Таа додаде дека општините по овие Локални избори треба да имаат многу поголем број на зелени советници, зашто тие ќе бидат своевидна еко-контрола во локалната самоуправа, ќе се залагаат и ќе предлагаат политики и мерки кои пред сè ќе водат сметка за квалитетот на животот на граѓаните и за нивното здравје, а за да се постигне тоа општините треба да станат места за живеење по мерка на граѓаните. „Нè радува фактот што во текот на кампањата забележуваме дека и кандидатите од другите партии вградија во своите програми дел од нашите зелени заложби, но ДОМ и натаму ќе остане главен инспиратор на зелените политики и дежурен контролор на нивната реализација“, заклучи Поповска.
Професор д-р Денко Скаловски, носител на листата за Град Скопје во име на сите кандидати од скопските општини истакна дека ДОМ во Скопје се залага за формирање на Зелен катастар, за повторно воведување на функцијата Градски архитект, за претворање на Малиот ринг во зелена и пешачка зона, за целосно воведување на јавен транспорт кој не загадува, за помалку бетон и повеќе зеленило. Само така Скопје ќе може да биде впишано во светската мапа на зелени градови, заклучи Скаловски и со слоганот „Избери зелено! Диши слободно!“ ги повика граѓаните во недела на гласачките ливчиња да го заокружат бројот 80.