Во Централата на ДОМ во тек е пристигнувањето на „Зелените“ советнички листи. Интересен е фактот дека на голем дел од нив како носители се јавуваат жените.
Од досега пристигнатите, таков е случајот со Охрид, Битола, Куманово, Кочани, Кисела Вода, Свети Николе, Гевгелија, Пробиштип. Посебно се внимава на застапеноста на двата пола на листите, зашто родовата рамноправност и еднаквите можности ни се приоритет.
Покрај големиот број жени кандидати на зелените листи на ДОМ се најдоа и експерти од повеќе области како зелена економија, заштита на животната средина, култура, наука, припадници на граѓанскиот сектор итн. Ова е голема можност во идниот период низ општините на Македонија да зајакне гласот и заложбите за зелените политики и проекти. Сите наши заложби за зелени општини наскоро ќе ги обзнаниме во Зелената програма на ДОМ за Локалните избори.
За градоначалничките позиции, ДОМ ќе ги поддржи кандидатите на Коалицијата за подобра Македонија. Со ВМРО ДПМНЕ постигнавме асиметричен договор, кој предвидува самостојни советнички листи и коалиционен настап за градоначалници.
Истовремено, договорена е подлабока соработка на претставниците на ДОМ во сите општини каде имаме ограноци со локалните власти во однос на еколошките, социјалните и економските прашања на локално ниво, за да се постигне одржлив развој на територијата на целата држава. Со ова повторно ја афирмираме „дескопјанизацијата“ како принцип и натамошната децентрализација во однос на носењето одлуки и јакнење на целата партиска мрежа на ДОМ.
Оваа договорена соработка, пред се предвидува, вклучување и реализација на програмските заложби на ДОМ на локално ниво како што се: надминување на проблемите со загадувањата, поголема употреба и зголемување на инвестициите за обновливите извори на енергија, зголемена енергетска ефикасност, збогатување на културниот живот во општините, и другите аспекти од општествениот и економскиот живот опфатени со Зелената Програма на ДОМ.
На прес конференцијата зборуваше портпаролот на ДОМ Тони Ристов
Со почит,
Сектор за односи со јавност