Вистината мора да се каже, независно дали некому му се допаѓа, и независно од цената што за тоа треба да се плати! Верувам во нашето општество дека ќе има капацитет да се справи и со сегашнава политичка криза!
Мојата изјава по немилите настани во Собранието беше злоупотребена и излезе во различни медиуми расцепкана и извадена од контекст, кому како му одговарало.
Во мојата изјава повикав на разум, одговорност и почитување на институциите, зашто Македонија е наш заеднички дом, кој треба да го зачуваме. Изразив жалење првин за присилните мерки кон новинарите и пратениците, па за нападот кон Претседателот на Собранието и за задните намери на организаторите на протестите. Ние сме пратеници избрани да ги штитиме граѓаните и уставниот поредок, затоа во никој случај не можам да оправдам насилно рушење на институциите. Затоа го кажав и ова: Никој нема право да ја урива државата, ни маж, ни жена.
И кога некој ме прозива, нека ми објасни со кој дел од мојата изјава и со кој збор не се согласува! И нека не ме употребува за да фрла прашина в очи, со цел да се дефокусира дебатата од суштинските прашања! Во зовриената политичка ситуација имавме ем насилство, ем обид за уривање на државата. Јас се борам и ќе се борам против двете, како и досега! Секогаш сум се водела од принципите за општо добро, правичност и интерес на Македонија.
Жалам за сите добри луѓе во земјава што се во овие моменти злоупотребени и изманипулирани на разни начини. Вистината ќе измие се. Вистината мора да се каже, независно дали некому му се допаѓа, и независно од цената што за тоа треба да се плати! Сигурна сум дека се ќе излезе на видело и ќе се разјасни, за да не ни се повтори никогаш веќе.
И по се, и покрај се, верувам во нашето општество – тоа имаше капацитет да се справи со воен конфликт и со многу други предизвици, знам дека ќе има капацитет да се справи и со сегашнава политичка криза!