Да се избориме за свет на еднакви можности за жените и мажите

Реалативно мал е бројот на жени, кои во изминатиот период биле предлагани за градоначалници, што покажува два проблема: слабата поддршка во партиите и неотстапување позиции кои се вистински моќни; како и немањето доволно средства кај жените за самостојно покривање на изборната кампања. Како резултат на ова, досега сме имале најмногу по три градоначалнички во еден мандат, за да се сведеме на апсолутна нула во последниов мандат. Суштината е да се избориме за свет на еднакви можности за жените и мажите, секој да може да напредува според своите способности и капацитет, жените да придонесат за развој на светот со целиот свој капацитет, да се реализираат себеси и да направиме поправично и похармонично општество.

МАРИЛИ: Г-ѓа Поповска учествувате во многу проекти кои се однесуваат на туристичка промоција на земјава. Кои се развојните туристички региони во земјава и кои се идните планови и идеи за реализација на истите?

ПОПОВСКА: Да, туризмот ми е во приоритетите, зашто верувам дека тој е големата, сè уште докрај неискористена шанса за економски развој на Македонија. Во последниве неколку години силно се залагав за создавање институционална рамка за организирана промоција на земјава како туристичка дестинација: преку стратегија за развој на туризмот, нова законска рамка, формирање Агенција за промоција и поддршка на туризмот, субвенции за странски туристи, организирање на туристичкиот еснаф во комори, едукација на кадри и подигање на нивото на услугите… Сите овие мерки беа барања од туристичките работници, од ХОТАМ, АТАМ и коморите, застапувани и лобирани од мене како пратеник, а прифатени од Владата. Резултатите се веќе видливи. Во 2011 година имавме пораст на странски гости од 25%, и на странски ноќевања од 35%. Во 2012 година овој тренд е продолжен. Во следниот период треба да продолжи промоцијата, но треба дома да си ја подобриме понудата – нови сместувачки комплекси, подобрена инфраструктура и сигнализација, брендирана традиционална храна и многу друго. Се работи на формирање туристички развојни зони, каде државата би овозможила погодности за големи инвестиции во туризмот. Се разбира, при сево ова ќе мора да се води сметка за заштита на животната средина и одржливост на дејноста.

МАРИЛИ: Македонија нема море, но затоа поседува прекрасни планини, езера, реки, кујна, фолклор. Како овој алтернативен туризам се промовира кај туристите и на што конкретно се делува?

ПОПОВСКА: Македонија има извонредни услови за еко-туризам, културен, спортски, авантуристички, археолошки и други форми на алтернативен туризам. Веќе одамна туризмот не се поврзува само со море, туку стана возбудлива приказна за истражување на нови места, култури, храна, мириси, звуци… Македонија е извонредно живописна и разновидна, зад секој агол, ве чека прекрасна глетка, стар храм или црква, здрава храна и вино, раскошна фолклорна традиција со карактеристичниот седум-осмински такт, кој те понесува кога ќе се фатиш во традиционалното оро. 
Странските туристи се одушевени од сето тоа и независно каде се сместени, одат на тури низ земјата: во Кокино, Галичник, Вевчани, Берово, Тиквешија, Демир Капија, Чашка, Брод, Прилепско, Кривопаланечко, Осоговие, Кратово, националните паркови Маврово, Пелистер, Галичица, Преспа… Тие информации ги има во промотивните материјали за нашава земја, во ТВ-спотовите, а се претставуваат и на меѓународни саеми, каде организираме и посебни денови на македонска традиционална кујна и музика.

МАРИЛИ: Во кои асоцијации, здруженија или парламентарни групи учествувате за поефикасно реализирање на проектите од областа на промоција на туристичката понуда на нашата земја?

ПОПОВСКА: Почесен член сум на Стопанската комора за туризам, а соработувам и со другите туристички комори, како и со ХОТАМ и АТАМ, како здруженија на хотелиери и агенции. Во 2008 година, имав чест од ХОТАМ да ја добијам наградата „Св. Климент“, за поддршка на македонскиот туризам, како и признание за најдобар пратеник поддржувач на балканскиот туризам од БАХА во 2009 година.

Соработувам со Меѓународната асоцијација за алтернативен туризам „Балканија“, со која промовиравме многу неоткриени катчиња на Македонија. Еден од иницијаторите сум за формирање на Скопско туристичко лето, која почна како летна манифестација за прошетки на странците и скопјани, кои летото го поминуваат во градот, за да прерасне во институција која има илјадници членови и патувачи низ нашата убава татковина. Токму овие здруженија беа зачетоци за промоција кај домашните посетители, без кои ниеден туризам нема да успее. Како член, пак, на парламентарната Комисија за надворешна политика и други тела, се среќавам со многу колеги парламентарци од разни земји и освен сериозните теми, не пропуштам да ги поканам да ја посетат Македонија како туристи.

МАРИЛИ: Логично е љубовта кон нашата „зелена” земја да ја промовирате и во Вашата партија ДОМ. Зошто токму партија на зелените?

ПОПОВСКА: Зашто зелената идеја е мојата кожа, мојата природна состојба, но и затоа што има многу луѓе во Македонија што бараат политичка артикулација на зелената идеја, за поздрава животна средина, за одржливо и одговорно управување со природните ресурси, низ почитување на демократските принципи и човековите права, со многу толеранција, ненасилство и уважување на разликите.

МАРИЛИ: Кои проекти во однос на екологијата и одржливиот развој во подолг период ги спроведувате или сте ги спровеле, каде е Берово на мапата на овие проекти?

ПОПОВСКА: Берово е еден од оние бисери на Македонија кои беа заборавени повеќе години. Ова е регион со благи планини, силни потоци, темно зелено езеро и небото над вас. За среќа, беровчани се еснафи и си го сакаат местото, па со многу љубов и ентузијазам се вложија во изградба на капацитети за сместување, за сечиј џеб. Клучни беа вложувањата во хотелот „Манастир“, во национален амбиент, со фантастична малешевска кујна, а подоцна и во комплексот „Аурора“ како современ спа-ресорт совршено вклопен во природата. Тука се и повеќето вили и помали сместувачки објекти, расфрлани покрај планинското езеро. Среќна сум што и јас, заедно со пријателите од „Балканија“, Скопско туристичко лето и Малешевска алтернатива, имам капка удел во организираната промоција на овој наш бисер. Се сеќавам кога пред 4 години со автобуси донесовме на дегустација на малешевска храна во „Манастир“, скопјани и ТВ-екипи, кои никогаш не го имаа видено Берово. Беа одушевени! Мора да го споменам и големиот придонес на градоначалникот Драги Наџиски, кој е секогаш отворен за иницијативи што се од интерес на општината и со многу шарм ги пречекува гостите.

За екологијата и одржливиот развој во изминативе шест години е направено многу. Донесени се практично сите важни закони и стратегии за заштита на животната средина, започната е примената во современото управување со природните ресурси и отпадот; го внесовме туризмот во државните стратегии, со што стана сериозна стопанска гранка; ги афирмиравме обновливите енергии и енергетската ефикасност; ДОМ беше на браникот на граѓанскиот отпор против рестартирање на Топилницата во Велес и изградба на железарница во Неготино; на иницијатива на ДОМ и Асоцијацијата „Ајде Македонија“, а преку Министерството за екологија есенва се спроведе најголемата акција досега за чистење на отпадот низ цела земја. 
Сè на сè, имаме многу иницијативи, голем број се прифатени, но се разбира, има работи за кои сè уште лобираме да се прифатат, како законот за зеленило, зелен катастар на Скопје, нови национални паркови и заштитени зони, построги контроли на индустриските капацитети и др.

МАРИЛИ: Организиравте трибина „Зелените искуства од Париз за зелените решенија во Скопје”. Која е целта на трибината и какви заклучоци и ефекти следеа од неа?

ПОПОВСКА: На моја покана дојде заменикот-градоначалник на Париз, Кристоф Најдовски, Македонец и политичар од француските „Зелени“, за да ни ги претстави зелените искуства од Париз. „Зелените“, кои се во локалната власт веќе втор мандат, имаат направено многу за намалување на загадувањето и зголемување на зелените површини за 30.000 м2. Го намалиле сообраќајот за 25%, ја зголемиле употребата на јавниот превоз за 30% и употребата на велосипеди за 90%, го намалиле зрачењето за 30% итн. Неговата посета побуди огромен интерес во јавноста и беше многу позитивно примена. Веројатно проработи нашата македонска гордост што еден наш човек успеал во големиот свет, но и неговиот чист македонски јазик, иако е роден таму, неговиот одмерен и убедлив настап и секако, одличните искуства што ги сподели со нас и ни ги препорача, за да биде и нашето Скопје помалку загадено и поубаво место за живеење

МАРИЛИ: Вашиот бунтовен дух значи и влез на жената во политиката, а тука секако ќе ги споменеме и раководните функции. Каква е состојбата на ова поле во државава, имајќи го предвид процентот од 30% за застапеност на жената?

ПОПОВСКА: Македонија е на врвот на земји според учеството на жените во политиката, со високи 30%, благодарение на родовата квота што ја вградивме во изборниот закон и ја усовршувавме низ неколку циклуси. Тоа беше резултат на заедничката борба на жените од различно политичко, етничко и верско потекло, кои формираа критична маса преку Македонското женско лоби, што го формиравме во 2000год., како најширока женска мрежа во земјата. 
Значи, жените денес ги има во солиден број во парламентот и советите, но нема ниедна жена градоначалник. Ги има речиси 50% на раководни позиции во администрацијата, во уште поголем број во судството, образованието и здравството. Интересно е дека ги има на многу втори и трети места во финансиите, каде треба многу да се одработи, но првото место е сепак за мажот.

МАРИЛИ: Во пресрет на локалните избори, колку во изминатиот период жените беа предлагани и избирани за градоначалници во локалната самоуправа?

ПОПОВСКА: Реалативно мал е бројот на жени, кои во изминатиот период биле предлагани за градоначалници, што покажува два проблема: слабата поддршка во партиите и неотстапување позиции кои се вистински моќни; како и немањето доволно средства кај жените за самостојно покривање на изборната кампања. Како резултат на ова, досега сме имале најмногу по три градоначалнички во еден мандат, за да се сведеме на апсолутна нула во последниов мандат.
Поради сево ова јас предложив измена на Изборниот законик со внесување родова квота за кандидирање градоначалници, по примерот на квотите за советничките листи. Но, се уште нема слух за тоа и ќе биде потребна здружена акција на сите свесни субјекти, за да се променат состојбите.

МАРИЛИ: Освен во политиката жената е успешна и во бизнисот, особено во приватниот сектор. Дали според Вас жената во Македонија е доволно застапена во менаџирањето и претприемништвото?

ПОПОВСКА: Нема доволно жени на раководни позиции во бизнис секторот. Оние што се одважиле да влезат во оваа сфера, се докажале како креативни, упорни и успешни. Морам да кажам дека слична е состојбата и во светот, па затоа во Европскиот парламент неодамна имаше расправа за внесување родови квоти и во управувачките тела на фирмите.

МАРИЛИ: Кои сè модели и алатки треба да се употребат за да го добие жената своето место во едно општество, односно за да се зголеми бројката на успешни и реализирани жени?

ПОПОВСКА: Потребна е континуирана борба, зошто сите ние живееме во машки свет, веќе со милениуми. Никој не ти го дава своето место без борба! Но не е суштината да се направи гола замена на состојбите, па од доминација на мажите, светот да го претвориме во доминација на жените. Никако! Суштината е да се избориме за свет на еднакви можности за жените и мажите, токму како што се вика собраниската комисија што ја водам. За да може секој да напредува според своите способности и капацитет, за да може жените да придонесат за развој на светот со целиот свој капацитет, да се реализираат себеси и да направиме поправично и похармонично општество.

МАРИЛИ: Како го оценувате проектот на Агенција „Марили” за организација на Манифестацијата – Избор на најуспешни жени менаџери, на која редовно сте наш гостин и поддржувач?

ПОПОВСКА: Тоа е извонредно успешен проект, кој покажува на дело повеќе работи: способноста, упорноста, креативноста, но и солидарноста со другите жени на првиот човек, г-ѓа Лидија Трипуноска.
Потоа, целата палета на успешни жени во Македонија, преку овој проект добиваат јавна потврда и афирмација за својата работа и конечно, успешни жени од македонската дијаспора, кои на овој начин посилно се поврзуваат со својата матична земја. Само честитки и издржете во Вашата благородна мисија!

Интервјуто е позајмено од Агенција за маркетинг, издавачка дејност и видео продукција – МАРИЛИ