На Скопје итно му треба Зелен катастар

Од тркалезната маса во организација на ДОМ на тема „На Скопје итно му треба попис на зеленилото – зелен катастар“ произлегоа следниве заклучоци: постигнување на стандардот од 25м2 зелена површина по жител, како во новиот ГУП, така и во пракса; формирање Координативно тело за изработка на зелен катастар на Скопје, кое ќе иницира тематски  работни групи.

Од тркалезната маса во организација на ДОМ на тема „На Скопје итно му треба попис на зеленилото – зелен катастар“ произлегоа следниве заклучоци: постигнување на стандардот од 25м2 зелена површина по жител, како во новиот ГУП, така и во пракса; формирање Координативно тело за изработка на зелен катастар на Скопје, кое ќе иницира тематски  работни групи.

На трибината присуствуваше градоначалникот на Скопје Коце Трајановски кој ги потврди настојувањата на Градот да се негуваат постојните и да се развијат нови зелени површини, но спомна дека за таа цел треба да бидат вклучени повеќе институции. Тој особено се интересираше за критичките осврти на граѓаните и претставниците на невладиниот сектор за квалитетот на живеењето во градот од аспект на ова прашање. Градоначалникот најави дека во тек е реализација на проектот за зазеленување на Кејот на Вардар кој треба да заврши идната година, за што побара соработка со граѓанскиот сектор.

Лилјана Поповска, претседател на ДОМ, нагласи дека процентот на зелените површини драстично се намалува и од стандардот од 25м2 по жител, тие се сведени на 8 до 12 м2.  Овој стандард не е прецизно регулиран во постојната законска регулатива, спорен е Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање, не постојат прецизни податоци за состојбата на зеленилото, ниту за сопственичката структура, зелените површини се жртвуваат за изградба на објекти за домување, индустрија и комерцијален сектор. ДОМ како зелена партија со крајна загриженост ги констатира овие негативни трендови и со оваа трибина презема конкретен чекор за надминување на овие состојби. Ова е само надоврзување на минатогодишната кампања на ДОМ Скопје зелен град, со мотото: Три дрва за едно исечено.

Ана Петрова од РЕЦ констатираше дека зелениот катастар е итно потребен за да се идентификува состојбата, начинот за развој на зелените површини, но и за да се влијае на свеста на граѓаните за нивно зачувување. Законската регулатива треба да предлага стандарди кои ќе мора да се почитуваат. ЈП Паркови и зеленило треба да биде носител на оваа активност, но поради комплексноста на работите треба да соработува и да биде во координација со Градот и со другите надлежни институции.

Со спроведувањето на предложените мерки и заклучоци, ќе се подобри квалитетот на животот во главниот град и ќе бидат запазени светските стандарди во оваа област.