Деновиве низ Балканот и низ Европа се одржуваат бројни протести по повод 25 годишнината од нуклеарната катастрофа во Чернобил. ДОМ како зелена партија, која силно се спротивставува на употребата на нуклеарната енергија и како еден од основачите на Балканската антинуклеарна коалиција (БАН Коалиција), одржа манифестација под наслов Потсетување на Чернобил – 25 години од нуклеарната катастрофа на која потсети на овие немили настани.
ДОМ потсетува! И 25 години по катастрофата во Чернобил последиците сеуште се живи. Затоа како Зелена партија инсистираме на траен мораториум за изградба на нуклеарка во Македонија и за ревизија на енергетската стратегија на Македонија. Бараме целосно свртување кон обновливите извори на енергија и наместо нуклеарка во Мариово да поставиме сончево поле. ДОМ утре по покана на грчките зелени ќе присуствува и во Атина на заедничката прес конференција од која заедно со европратеникот Михалис Тремопулос ќе упатиме апел за запирање на изградба на нуклеарни централи на Балканот – изјави Лилјана Поповска.
Оваа манифестација ја поддржаа и невладините организации Македонски зелен центар, Биди Зелен, а писмени поддршки упатија и членките на Зелената коалиција од Велес, ЕД Вилазора и Грин Пауер (Green Power).
Се собравме денеска за да се потсетиме на нуклеарната катастрофа во Чернобил и да упатиме порака за искористување на обновливите извори на енергија (ОИЕ). Инвестициите кои би се користеле за планирање и изградба на нуклеарна централа мора да се пренасочат за поставување на инфраструктура за искористување на ОИЕ. Штотуку заврши и европската недела на одржлива енергија каде што цела Европа организираше настани за промоција на ОИЕ, тоа е уште еден доказ за насоката во која треба да се движиме – рече Антонио Јовановски од Биди Зелен .
Марија Јанковска од Македонски зелен центар во својата изјава нагласи „Нарушувањата на здравјето и животната средина кои ги донесе Чернобил не нанесоа проблем само во Украина, туку и многу пошироко. Денеска после 25 години ги гледаме последиците преку напуштените подрачја во неговата околина, врз здравјето на луѓето, а тие најсилно ќе се почувствуваат дури после 50 години од катастрофата“
Во своите писмени обраќања НВО-ата од Зелената Коалиција од Велес изјавија. Ненад Коциќ од ЕД Вилазора: Најискрено ја поддржуваме денешната манифестација организирана од ДОМ по повод годишнината од нуклерната катастрофа во Чернобил. Сакаме да се потсетиме на илјадниците жртви кои ги даде оваа катастрофа, но и сите човечки трагедии кои ги предизвика практикувањето на нуклеарната енергија, пред и по Чернобил. Посебно право имаме ние граѓаните на Велес, зашто соочени со 30 годишно загадување, 30 годишно уништување станавме вечни борци за здрава животна средина. Велес го искуси чуството да се има… можеби не толку моќна, но доволно штетна фабрика во своја близина, како фактор и закана за целосно истребување на целиот народ. На овој ден посакуваме: Да не се повтори Чернобил! Да не се повторат Хирошима, Нагасаки, Фукушима! Да не се повтори Велес! Никаде и никогаш! И ова да го разбереме како пример и поука што не смее да се заборави.
Игор Смилев од Грин Пауер во поддршката за манифестацијата вели: Македонија има еден голем нерешен еколошки проблем со кој е загрозено здравјето на цел еден град и неговата околина. Проблемот кој го има Велес, би бил бениген во споредба со евентуален проблем кој би настанал од нуклерана централа која би се изградила во Македонија.