ДОМ пред една недела во Собранието на Република Македонија ја поднесе Резолуцијата против изградба на нуклеарна централа во Македонија, со која се предлага да се спречат активности кои би довеле до состојби опасни по здравјето на луѓето и по животната средина, со можност да се уништи целата наша земја – рече во воведното излагање претседателката на ДОМ, Лилјана Поповска на конференцијата под наслов „Македонија без нуклеарка“.
Пред нас се повеќе аргументи: недостигот на високо техничко-технолошко ниво неопходно за нејзина изградба, управување и третман на нуклеарниот отпад, но и на самиот реактор по периодот на негово искористување од 30 години; недостигот на големи количества вода неопходна за ладење на реакторот; високата цена на чинење на ваков проект; големината на нашата земја и народ, кои се премали за само една нуклеарна хаварија, а не пак за катастрофа! Пред очи ни се страотните последици од инцидентот во нуклеарната централа во Чернобил пред 25 години, како и трагедијата на јапонскиот народ, кој се соочи со катастрофалните последици од силниот земјотрес, цунамито и серијата инциденти во нуклеарната централа во Фукушима оваа година.
Преку Конференцијата, но и преку Резолуцијата се побара сите во државава да се договориме околу стопирање на сите активности поврзани со изградба на нуклеарна централа во нашата земја и воспоставување траен мораториум за ова прашање. Исто така, неопходна ни е ревизија на Националната стратегија за енергетика, со бришење на плановите за нуклеарна енергија и фокусирање на обновливи извори на енергија, но со насочување на потребните буџетски средства за нивно истражување, субвенционирање и примена, со цел постепено да ги заменат фосилните горива, чиј рок истекува за 30-40 години.
ДОМ, како зелена партија, е свесна за реалните состојби со потребите на енергија во нашата земја, при ограничени ресурси на фосилни горива и сеуште недоволно искористени обновливи извори на енергија, затоа се потребни средства и напори за интензивна промоција и употреба на енергија од обновливи извори, во склад и со европските директиви. Македонија е земја со неискористен воден потенцијал, многу големи и мини хидроцентрали чекаат да бидат изградени. Затоа треба да бидеме реални и одговорни кога се работи за идеја за изградба на нуклеарна централа во Македонија. Тоа се бара од сите нас, зашто за здравјето и животот се работи!
Во Македонија мора да научиме да ги користиме постоечките европски и светски зелени фондови и кредитни линии со ниски каматни стапки, за примена на обновливи извори на енергија и зголемување на енергетската ефикасност на објектите. Зашто, само со рационално користење на енергијата во домаќинствата и индустријата, со примена на современи технологии за добивање енергија и градба и изолација на објектите, Македонија може во старт да заштеди 40% од вкупната енергија. На ниво на семејство, сметките за струја може да се редуцираат и над 50%.
Истовремено, потребна ни е блиска соработка и поврзување со земјите од регионот и пошироко, во насока на градење стабилен и одржлив енергетски пазар, со зачувување на животната средина и гарантирање на безбедноста, здравјето и иднината на сегашните и идни поколенија.