Македонија без нуклеарка!

Македонија е земја со неискористен воден потенцијал, многу големи и мини хидроцентрали чекаат да бидат изградени. Имаме исто така 250 до 300 сончеви денови годишно, со одличен агол, што е практично растурена енергија по нашите простори. да не зборуваме за биомасата расфрлана како отпад што не загадува, наместо да биде извор на обновлива енергија. заборавен е и ветерот и геотермалните води.

Веќе една недела тече потпишувањето за поддршка на Резолуцијата против изградба на нуклеарна централа во Македонија, што ја поднесов до Собранието, во име на ДОМ. Илјадници луѓе на градските плоштади и преку интернет стануваат дел од заедничката свест, дека си ја сакаме Македонија без нуклеарка!

Резолуцијата се предлага за да се спречат активности кои би довеле до состојби опасни по здравјето на луѓето и по животната средина, со можност да се уништи целата наша земја. Пред нас се повеќе аргументи: недостигот на високо техничко-технолошко ниво неопходно за нејзина изградба, управување и третман на нуклеарниот отпад, но и на самиот реактор по периодот на негово искористување од 30 години; недостигот на големи количества вода неопходна за ладење на реакторот; високата цена на чинење на ваков проект; големината на нашата земја и народ, кои се премали за само една нуклеарна хаварија, а не пак за катастрофа!

Пред очи ни се страотните последици од инцидентот во нуклеарната централа во Чернобил пред 25 години, како и трагедијата на јапонскиот народ, кој се соочи со катастрофалните последици од силниот земјотрес, цунамито и серијата инциденти во нуклеарната централа во Фукушима оваа година.

Соочени сме исто така и со последиците од климатските промени, зголемениот број природни катастрофи, како и заканите од нуклеарната енергија што не демнат насекаде низ светот, а особено во сеизмички нестабилните региони, каков што е и Република Македонија. Затоа, нашава Резолуција ќе биде уште еден прилог кон напорите на активистите и експертите од целиот свет, а посебно на оние од зелените партии и движења, за свет ослободен од нуклеарните закани.

Да се потсетиме само на зборовите на проф. Уве Хартман, гостинот на една минатогодишна трибина на ДОМ, со наслов Сонце место нуклеарка, кој вели: Како нуклеарен физичар се откажав од нуклеарната енергија, поради тоа што не постои сигурен начин на чување на нуклеарниот отпад, за разлика од сончевата, која ни е безбедна и бесплатна.

Затоа треба да бидеме реални и одговорни кога се работи за идеја за изградба на нуклеарна централа во Македонија. Тоа се бара од сите нас, зашто за здравјето и животот се работи! Треба да се признае дека оваа тема е нова за македонската политика, а истовремено бара технички познавања, кои, се разбира, не мора да ги поседува секој политичар. Но затоа треба да се отвори и природно е што ја отвораме ние од ДОМ како зелена партија. Затоа што сме дел од Балканската антинуклеарна коалиција што беше формирана неодамна во Софија, како наша иницијатива од декемвриската конференција на Европските Зелени во Скопје за озеленување на балканските економии.

Како една од основите за оваа Резолуција служи и Конвенцијата на Обединетите Нации од Архус, 1998-та, која бара целосна транспарентност и вклучување на граѓаните и невладините организации во донесувањето одлуки поврзани со животната средина и здравјето на луѓето.

Сите сме свесни сме за реалните состојби со потребите на енергија во нашата земја, при ограничени ресурси на фосилни горива и сеуште недоволно искористени обновливи извори на енергија, поради што во Резолуцијата се бараат средства и напори за интензивна промоција и употреба на енергија од обновливи извори, во склад и со европските директиви.

Македонија е земја со неискористен воден потенцијал, многу големи и мини хидроцентрали чекаат да бидат изградени. Имаме исто така 250 до 300 сончеви денови годишно, со одличен агол, што е практично растурена енергија по нашите простори. да не зборуваме за биомасата расфрлана како отпад што не загадува, наместо да биде извор на обновлива енергија. заборавен е и ветерот и геотермалните води.

Значи, имаме многу длабоки причини и силни аргументи за да бараме преку Резолуцијата сите во државава да се договориме околу стопирање на сите активности поврзани со изградба на нуклеарна централа во нашата земја и воспоставување траен мораториум за ова прашање. Понатаму, неопходна ни е ревизија на Националната стратегија за енергетика, со бришење на плановите за нуклеарна енергија и фокусирање на обновливи извори на енергија, но со насочување на потребните буџетски средства за нивно истражување, субвенционирање и примена, со цел постепено да ги заменат фосилните горива, чиј рок истекува за 30-40 години.

Конечно, предлагаме како држава да се научиме да ги користиме  постоечките европски и светски зелени фондови и кредитни линии со ниски каматни стапки, за примена на обновливи извори на енергија и зголемување на енергетската ефикасност на објектите. Зашто, само со рационално користење на енергијата во домаќинствата и индустријата, со примена на современи технологии за добивање енергија и градба и изолација на објектите, Македонија може во старт да заштеди 40% од вкупната енергија. На ниво на семејство, сметките за струја може да се редуцираат помеѓу 50 и 80%!

Истовремено, потребна ни е блиска соработка и поврзување со земјите од регионот и пошироко, во насока на градење стабилен и одржлив енергетски пазар, со зачувување на животната средина и гарантирање на  безбедноста, здравјето и иднината на сегашните и идни поколенија.

Автор: Лилјана Поповска, претседателка на ДОМ.