Последнава недела сум вовлечена во политичка пресметка, околу престојот на македонски пратеници во Израел. Јас нема да дозволам ниту ДОМ ниту јас да бидеме колатерална штета на туѓи расправии, бидејќи:
- Пред една недела заминав за Литванија и Латвија, каде ја водев парламентарната група за пријателство со овие земји, како нејзин претседател. Со првата земја првпат воспоставивме парламентарна соработка, а со втората ја продолживме по 4 години прекин.
- Директно од Рига заминав за Ерусалим, како учесник на конференцијата на европските пријатели на Израел. Отидов на покана од Израел, како член на парламентарната група за пријателство со оваа земја, со комплетно покриени трошоци.
- Како што е вообичаено во вакви случаи Парламентот беше известен за патувањето, овојпат преку колегата Павле Трајанов, во својство на претседател на групата. Понатаму информацијата е проследена преку службите на Собранието и на МНР, според стандардните процедури.
Убедена сум дека процедурите беа стандардни, што го знам од моето искуство како пратеник во три мандати, поранешен потпретседател на Собранието и активен учесник во меѓународната соработка.
Претпоставувам дека до недоразбирање со Претседателството на Парламентот е дојдено поради специфичната политичка ситуација и турбуленциите во Македонија. Немам намера никого да бранам , ниту да напаѓам. Зборувам во свое име и сакам да го свртам вниманието на македонската јавност кон важни настани што се случуваат околу нас, а ние сме на работ да ги пропуштиме, зафатени со своите ситни кавги.
На конференцијата во Ерусалим учествуваа 520 претеници од 37 земји и од Европскиот Парламент (од последниов дури 104!). Учествуваа сегашни и поранешни премиери, претседатели на држави и министри. Имавме чест да го чуеме комплетниот политички врв на Израел сосе претседателот Шимон Перез и премиерот Нетанјаху.
На конференцијата детално се анализираше состојбата на Блискиот Исток, во светло на настаните во Египет и Тунис. На крајот сите присутни се согласија дека Европа треба да биде будна и активно да ја спречи радикализацијата на состојбите поттикната од Иран. Во декларација истакнавме дека не смееме да ни се повтори холокаустот на Евреите ниту на кој и да е друг народ. Во име на македонската делегација бев повикана да положам цвеќе за жртвите на холокаустот во Јад Вашем. Израел, од своја страна, за возврат на поддршката на европските земји им ги нуди своите знаења и искуство на планот на науката, технолошкиот развој, земјоделието, екологијата и обновливите енергии.